Сириец во Истанбул отвори книжарница за бегалците од неговата земја да можат да читаат бесплатно

Сместена во аголот карши истанбулскиот Карије Музеј се наоѓа засолниште за младите Сиријци кои сакаат да прават нешто едноставно, а им било одземено. Сакаат да читаат. „Страници“, која е кафе-книжарница, е амбицозна потрага на еден човек да ги промени животите на сириската младина.

„Неверојатно сум среќен“, вели Самер ал-Кадри, 42, основачот на првата арапска книжарница во градот. „Имам можност да ја запознаам оваа генерација, меѓу 18 и 25 години. Оваа генерација ме изненадува со нејзиното разбирање, отвореност и дијалог“.

Повеќе од три милиони бегалци, од кои повеќето се Сиријци, живеат во Турција. Со „Страници“, Кадри се надева да создаде простор за младите Сиријци кои се љубопитни за светот, кои сакаат да побегнат од изолацијата на бегалскиот живот и барем за момент, да се чувствуваат како да се во татковината.

Овде младите и децата можат да дојдат и да ги читаат сите книги бесплатно, или пак да ги позајмат за смао 20 лири месечно. Сириските мажи и жени пијат кафе додека пишуваат, учат и читаат, а навечер доаѓаат на музички настапи, филмски вечери, работилници и изложби.

„Ова е место каде имаме разговори како Сиријци, едни со други повторно, можеме да имаме дијалог, да се прифатиме едни со други, да го промениме нашиот менталитет кој беше ограничен само на Сирија, и да не го видиме надворешниот свет“, вели Kадри.

„И покрај сета трагедија во Сирија, има еден аспект кој јас сметам дека е позитивен за сириската иднина“, вели тој. „Им овозможи на Сиријците да излезат од школката во која живеат. Многу нешта се променија. Многу млади мажи и жени го променија начинот на кој размислуваат, а од оваа нова генерација, дел е уништен, а дел променет бидејќи пораснале на друг начин. Сиријците научија многу повеќе за светот“.

Кадри имал осум години кога силите на Хафез ал-Асад, таткото на актуелниот претседател на Сирија, го нападнале неговиот дом во Хама во 1982 година. неговото семејство се преселило во Дамаск, Сирија, каде дипломирал ликовна уметност и стана графички дизајнер. Отворил своја рекламна агенција и издавачка куќа посветена на детски книги, наречена „Светли прсти“.

Кога започнала револуцијата во Сирија во 2011 година, зборувал во странство за проблемите на луѓето и нивната опресија од режимот на Асад, иако се држел настрана од протестите.

Во 2012, безбедносните сили ја нападнале неговата издавачка куќа бидејќи „поддржувал терористички активности“. Се преселил во Аман, а потоа во Истанбул.

„Целта на оваа посета е тие да можат да читаат и да им ја пренесеме значаноста на библиотеките“, вели Џохад Бакр, кој предава турски јазик на сириските деца во локалните училишта. „Треба да знаат различно лице на општеството, да ја видат својата сириска заедница од различна перспектива. Сирија не е само војна и тоа што го знаат нивните семејства. Имаме уметност и култура“.

Кадри вели дека меѓу најпопуларните книги во неговата книжарница се „Четириесет прави на љубовта“ на Елиф Шафак, приказна за легендарниот персиски поет Руми, но и преводите на Џорџ Орвел, како „Животинска фарма“ и „1984“. Вели дека овие дистописки фиктивни светови се многу слични на Сирија денес.

Тој се надева дека ќе отвори иста ваква книжарница во Берлин за бегалската заедница таму, а ќе отвори и нова издавачка куќа посветена на дебитантски романи од млади Сириски и арапски писатели кои ќе се продаваат низ Блискиот исток. Соработува и со турски издавачки куќи за да ги преведе романите на локалниот јазик. Сета негова работа е непрофитна.