Новогодишната ноќ во Скопје поминала мирно, 28 лица завршиле на токсикологија

За време на новогодишната ноќ во Скопје била укажана лекарска помош на 28 алкохолизирани лица, еден пациент кој бил предозиран со дроги, а третирани се и лица со повреди од петарди и сообраќајни незгоди.

Во текот на новогодишната ноќ регистрирани се и четири смртни случаи во домашни услови на лица од 40 и над 60 години.

Од Клиниката за токсикологија во Скопје информираат дека во текот на ноќните часови примени се 28 пациенти од кои девет биле малолетници, а најмладиот е на возраст од 14 години. Сите се третирани до утринските часови и потоа пуштени на домашно лекување. Пациентот предозиран со опојни дроги е во добра состојба и е пуштен дома.

Од 28-те пациенти осум биле од женски пол, а останатите се мажи.

Директорката на Клиниката за хируршки болести „Свети Наум Охридски“ Јасмина Чабуковска, информира дека во текот на изминатото дежурство им била укажана лекарска помош на вкупно 65 пациенти од кои 22 во текот на ноќните часови.

Во текот на изминатите 24 часа на Ургентниот хируршки центар при Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ се прегледани 93 пациенти од кои голем број се пуштени на домашно лекување.

Шест пациенти се здобиле со полесни повреди во собраќајни незгоди и се пуштени на домашно лекување, а двајца се здобиле со повреди при физички напад. Исто и тие се пуштени на домашно лекување. Двајца пациенти се здобиле со повреди од петарди и тие се пуштени на домашно лекување.

Директорката на Здравствениот дом Скопје, Татјана Баевска – Вучковиќ истакна дека Службата за итна медицинска помош изминатите 24 часа интервенирала кај 168 лица од Скопје и од околните населени места.

„Согласно статистичките податоци можеме да кажеме дека новогодишната вечер и во текот на денот помина релативно мирно. Граѓаните, сепак, ги почитуваат препораките кои ги даваме и се надеваме дека и во наредните празнични денови ќе продолжиме на овој начин“, изјави Баевска – Вучковиќ.