Мост: Прегласувањето во Теарце помина мирно, но со технички поблеми и обид за поткуп

Прегласувањето на избирачкото место 2011 во Теарце помина во мирна атмосфера, со различна динамика во одзивот на гласачите, кој опадна во последните часови пред завршувањето на гласањето, се вели во прелиминарната изјава на граѓанската асоцијација „Мост“.

Во периодот од поништувањето на резултатите до прегласувањето ситуацијата била мирна, без инциденти, освен што била регистриран обид за поткуп, односно била поднесена кривична пријава против две лица кои на гласачите им нуделе поткуп за да не го остварат своето избирачко право, велат од МОСТ. МВР веќе презеде мерки за расчистување на случајот.

За прегласувањето биле распоредени два набљудувачи кои го следеа гласањето на самото гласачко место, како и два мобилни тимови кои ја набљудувале ситуацијата околу гласачкото место.

„Во текот на денот беше забележано зголемено присуство на полицијата околу гласачкото место. Околу 9 часот беше забележано дека УВ ламбите не работат, па гласањето беше прекинато во период од 15 минути за да се набават нови, по што истото продолжи. Во понатамошната постапка на гласање и сумирање на резултатите на самото избирачко место не беа забележани нерегуларности.

Како и на изборниот ден, во повеќе општински изборни комисии, така и сега ОИК Теарце се соочи со проблем при составување на записникот бр. 21 за сумирање и утврдување на резултатите од гласањето во однос на лицата кои гласале во казнено-поправните установи. Поради тоа имаше доцнење во објавувањето на резултатите од гласањето. Сам по себе, овој случај ја потврдува потребата од јакнење на капацитетите на изборната администрација во поглед на спроведувањето на комплетниот изборен процес“, стои во прелиминарната изјава.