Последната Критична маса за 2016-та ќе се одржи во среда, во склоп на протестот против аерозагадувањето

„Во 2017-та да имаме повеќе точаци, повеќе велосипедски патеки, зони со намалена брзина, помалку жртви во сообраќајни несреќи и почист воздух“, се дел од неколкуте желби на неформалната иницијатива На Точак. Тие на последната Критична маса уште еднаш ќе побараат поквалитетен град за живот, посвесни планери и политичари и повеќе граѓани кои ќе им се придружат во нивната битка.

„Ќе ја испратиме и 2016-та со порака за здравје и радост на улиците возејќи здружно точаци преку Критична маса #56. Но, ќе се придружиме и на протестот за чист воздух зашто промената не е можна без промени во политиките. Зашто потребни ни се мерки против загадувањето на краток рок за да дишеме без да се гушиме кога возиме точак! Зашто потребни ни се мерки на долг рок за да добиеме севкупно поздрави места за живеење! Зашто нашата битка за велопријателско Скопје е неиздвоива од битката за чист воздух!“, велат во повикот.

Тие ќе се собираат во 17:30 на платото кај Фонтана.

После протестот и Критична маса, во кафе бар „Че“ ќе се одржи предновогодишна дружба, каде ќе има и томбола.

Од На точак советуваат учесниците да си земат заштитни маски, доколку загадувањето е над дозволените граници. Потенцираат дека секој учесник вози на своја одговорност и ако сака да учествува во томболата, може да донесе подарок.