Планинари: За да се избегне несреќа потребни се опрема и искуство, но и ефикасни служби

Неискуство, незнаење и игнорирање на временските услови е причината поради која се случиле двата несреќни случаи на Шар Планина изминатиот викенд, соопшти македонската Федерација на планинарски спортови. Од друга страна, јавноста реагираше за задоцнетата реакција на спасувачките служби. Овие, но и претходни несреќи ги покренаа прашањата: колку Македонија има професионална спасителна служба и како овие несреќи да се избегнат.

Според Тони Димитров од планинарскиот клуб „Македон“, сè уште не се дефинирани основните принципи врз кои треба да се третира една ваква сериозна проблематика, така што се остава простор за префрлање на вината.

„Она кое треба да го потенцираме како пресудно, воедно и да се запрашаме, е зошто сè уште не постои конкретна професионална спасителна служба, обезбедена со хеликоптери, соодветна опрема, соодветен буџет, а не да функционира само врз основа на ентузијазам“, вели тој.

Планината колку што е убава и нуди несекојдневни димензии, толку е и опасна, така што несреќите не се воопшто чудни, смета Димитров.

„Во недостаток на обуки, во недостаток на правила и на друштва/групации во кои секој поединец ќе ги стекне своите знаења, секој ентузијаст е оставен сам на себе, своите способности да ги развива според сопствените можности и капацитети, па според тоа не може да стане збор за некаква стандардизација на знаењето“, забележува тој.

Нагласува дека, иако полека и несигурно, почнуваат да се поставуваат некакви темели од страна на инситутициите. Како пример ги спомена субвенциите за маркирање на постоечките патеки и основните обуки за планинарски водичи, со кои би имало барем по еден обучен водич во секое планинарско друштво што ќе постави стандари на однесување и би се унифицирале правилата за тоа како се води една тура.

„Доколу сакаме, можеме да најдеме виновници, но дали е тоа воопшто целта, наспроти она на што оваа лекција треба да не научи. Најпрвин, никој никого не може да спречи да се движи во планина, а со тоа и да настрада. Секој тоа го прави на своја одговорност, а на тоа предупредуваат и водичите во групните тури“, смета Димитров.

Заштитната опрема може да помогне да се избегнат ризични ситуации

Според Александар Старделов од Алпинистичкиот клуб „Матка“ летното планинарење бара полесна опрема, додека во зимскиот период е посериозно поради снегот.

„Ризиците во летното планинарење се многу помали. Како најопасно би го спомнал каснувањето од змија, бидејќи кај нас има два типа на отровни змии. Исто така, многу често треба да се внимава се грмотевиците, затоа што кога има бура на високите места многу често се случува електрични празнења да повредат планинар“, вели тој.

Во зимскиот период, пак, најмногу треба да се внимава на пролизгување на замрзнат снег, каков што беше случајот со несреќите на Шар Планина, но и да се внимава на лавини.

„Лавина настанува при таложење на различни видови на снегови и заради временски услови тој се топи и замрзнува пак. Ова може да однесе човек и да го затрупа целиот. Кога планинарот е целосно затрупан во лавина, тој не може да се откопа сам затоа што лавината буквално станува како цемент. Има некои си 15-тина минути за да се извлечe, бидејќи после тоа настанува хипотермиjа и губење на воздух“, подвлече Старделов.

Старделов и Димитров советуваат во зима да се носи соодветна облека, која ќе биде топла, но не толку за да го поти планинарот. Во зависност од временските услови, треба да се носи облека што ќе штити од ветер, или пак ќе топли дур планинарот е во мирување. 

„Втор фактор за опрема што е многу битен за зимно време се дерези, цепини и кацига. Дерези се метални боцки кои се ставаат на кондурите за обувката подобро да се задржи во снегот. Цепина наликува на копач, тој се користи за потпирање, во едната рака, но при пролизгување на мраз се користи да се задржи планинарот. Најчесто пролизгувањата настануваат поради несоодветно нагазување со дерезите. Со кацигата, пак, планинарот се штити ако при лизгање дојде до удар на главата во карпа или мраз“, објасни тој.

Димитров вели дека една од најважните препораки за оние кои сакаат да планинарат е да го прават тоа со организирана тура, или некој што го познава теренот. Но, како што посочува тој, првично треба да се оди во летни услови  и со претходно проверена временска прогноза, секако, во склоп на кондицијата и знаењето.

Планината секако знае да маѓепса, па со тоа да не вовече и во непредвидени ситуации, со кои понекогаш тешко ќе се справиме“, смета тој.

Како што надополнува Старделов, постојат два типа на водичи. Едните се дел од планинарски клуб и нивна задача е да внимаваат на искусни планинари, додека останатите водичи, кои работат со клиенти имаат поголема одговорност.

„Кога водиш клиенти имаш многу поголема одговорност, бидејќи тие може да се обични луѓе кои не се запознаени толку со планината и немаат толку исксство, но сакаат да прошетаат и да уживаат во планината. Кога е водич од планинарски клуб, тој водич е одговорен само за планинари, односно да се одвива целата тура како што треба и се очекува дека сите пријавени на таа тура ќе бидат искусни. Моја препорака е да не се оди на планина без водич“, подвлече тој.

Расте интересот за планинарење, но потребно е уште многу за да се смени менталитетот

Томислав Тодоровски е само еден од бранот млади луѓе кои во изминативе две години рекреативно почнаа да искачуваат планини. Тој вели дека за турите дознава преку социјалните мрежи, додека за потребната опрема се информира од поискусни планинари.

„Рекреативно со планинарење почнав на половината на август, така што до месец ноември скоро секој викенд со друштво одевме на некоја планина. Сега малку паузирам поради временските услови и немање соодветна зимска опрема, но се надевам дека ќе се смени тоа во иднина“, рече тој.

Заедно со уште неколку другари се вклучиле во организирани тури со водич.

„Во одреден момент Скопје ми стана монотоно и сметав дека е време за некаква промена, па отидов на својата прва тура што беше до Титов Врв и оттогаш сфатив дека ова е супер активност“, вели тој.

Според Димитров, проблемот со овој наплив е што претставува тренд донесен претежно од Западот, исто како и јогата и велосипедизмот, а не е „автентичен и локален изблик на интерес“. Сепак, иако задоцнет, за него овој потенцијал е добредојден и се надева дека младите ќе го прифатат како здрав начин на живот.

„Но, проблемот зошто, и покрај сиот тој потенцијал кој го има Македонија, досега не е ништо направено во врска со тоа или сè е сведено на спонтани ад хок иницијативи, го лоцирам и во други аспекти, како менталитетот, (не)постоењето на отворени планинарски друштва, организирањето на отворени тури, постоење на адекватни продавници за опрема…“, смета Димитров.

Проблем според него е и „затвореноста“ на друштвата, било аплинистички или планинарски, кон луѓето кои немаат толкава кондиција, но сакаат да учествуваат во некоја од турите.

„И покрај тоа што по некоја логика на нештата, овие луѓе треба да се племенити, бидејќи се бават со една ваква активност, да бидат отворени и да ги споделуваат искуствата, за да има напредок воопшто, сепак ситуацијата на терен покажува дека состојбата е безмалку трагична. За жал за овие проблеми и не се говори отворено, па напредокот се одвива доста бавно“, забележува овој планинар.

За Старделов, зголемениот интерес не претставува помодарство, туку тренд со кој луѓето стануваат сè посвесни за тоа што го има земјата како природни услови и колку тие може да уживаат во нив.

„Планинарските клубови се доста активни во последно време и мислам дека сите што се заинтересирани може да се зачленат во некој клуб, да добијат некоја обука. Зимово ќе има и семинари за обуки за движење во зимски услови“, информира тој.

Зголемен интерес забележале и во нивниот клуб, иако како што нагласи Старделов, алпинизмот е сосема различен спорт од планинарењето.

„Во последно време има сè повеќе интерес. Нашиот клуб до минатата година броеше околу можеби 20-тина активни членови, сега сме дупло повеќе. Можеби вежбалната што ја имаме сега го предизвика тоа, бидејќи претходно немавме соодветно место за вежбање“, рече тој.

Е.П.