Омбудсманот Иџет Мемети денеска истакна дека Народниот правобранител не треба да биде прифатен како лош судија. Потенцира дека тој не суди, туку потсетувам кога некој греши и треба да се подобри. За контролите на Управата за јавни приходи (УЈП) во невладиниот сектор, вели дека никој не може да спори правото за она што треба да го прави Управата. Меѓутоа, потенцира тој, во дадениот случај, почнувајќи од масовноста (на акцијата), но и од изјави дадени од некои лидери, граѓаните и Народниот правобранител имаат право „да поставуваат прашања да не се прави ова со одредена намера“.
„Да не се прави ова со цел задоволуваење на она што го бара системот, Уставот и законите, туку со цел задоволување на нешто друго. Јас немам информации како почнало сето… Меѓутоа, се добива впечаток, остава сомнеж во јавноста дека се врши со одредена намера, што не е во ред. Секоја почит кон професионалнота на УЈП, меѓутоа при нивните акции за спроведување на контрола, ние знаеме за контролата на Алсат, на А1 ТВ итн. Во сите тие контроли, па и во оваа, се остава сомнеж… Затоа апелирам на законито спроведување на контролите и ненадминување на професионалноста и надлежноста, а поготово незлоупотреба на институциите во Македонија“, апелираше денеска Народниот правобранител на прес-конференција.
Смета дека не треба да се остава никаква политичка трага, а работата на институциите да биде крајно транспарентна и прифатена од граѓаните. Односно, вели тој, ако институциите остават нејаснотии, перцепција е на сите нас дека постои некаква намера.
На новинарско прашање дали се работи за некаква хајка, тој повторно нагласи дека не може да биде судија за истовремената контрола во 20-ина организации.
„Ја повикувам и директорката на УЈП да излезе на прес-конференција и да ги расчисти сите овие сомнежи. Со тоа што ќе каже зошто се прави (контролата), како се прави итн.. Никој што е раководител на институциите не смее да остави сомнежи дали се крие нешто зад тоа. Само на таков начин може да помогнеме, и инсититуциите, и за процедурите, законите, и на граѓаните. Инаку, ако се криеме, а ваму праќаме куп инспектори и по фирми… тоа не не’ амнестира. Само со транспаретно работење може да се расчистат сите сомнежи, кои за мене се загрижувачки“, рече омбудсманот Мемети.