Катастрофалното загадување во Македонија, синоќа и до 17 пати над максимумот

„Сирупи за искашлување се пијат наместо вода“.

„Катастрофа, сите околу мене се болни и знаеме дека најголем причинител е воздухот“.

„Толку е загадено што со голо око се гледаат честичките кои ги вдишуваме“.

„Оние во фотељите само гледаат што подолго да останат во нив, незаинтересирани се што се случува“.

Вака синоќа реагираа граѓаните на социјалните мрежи по новите рекордно високи вредности на аерозагадувањето низ цела Македонија.

Според мерните станици на Министерството за животна средина најголемото загадување низ цела Македонија е регистрирано помеѓу 20 часот и 1 часот по полноќ. Станицата во Ректорат забележала највисоки 837 микрограми ПМ10 честички на кубен метар, по неа следува Лисиче (738), Битола 1 (658) и Куманово (600). Односно од 17 пати над максимално дозволената вредност во Скопје, до 12 пати во Куманово.

aglomeracija-skopski-region

aglomeracija-zapaden-region

aglomeracija-istocen-region

Потцртани највисоките регистрирани вредности на мерните станици во Македонија последниве 24 часа

Утрово македонските граѓани се разбудија во пониски вредности на аерозагадување, но сепак неколкукратно над дозволените вредности. Според мерењата во 10 часот, Гази Баба е најзагадена со 380 пм10/м3, следува Ректорат со 290, Карпош 280 и Велес 2 со 258.

Во вакви екстремно високи концентрации на суспендирани честички штетни по здравјето, препораките на Светската здравствена организација се граѓаните да не излегуваат надвор без посебна потреба.

На илустрацијата од анализата на еколошкото здружение Еко-свест, може да се види какви влијаниа врз човековото здравје предизвикува аерозагадувањето.

Во четврток во Кинотека на Македонија најавена е и научна конференција за аерозагадувањето на која ќе се дискутира преку научни информации за причините за загадувањето и решенија за справување со овој проблем. Конференцијата ќе биде составена од два дела: првиот со универзитетски професори и претставник од Министерството за животна средина и вториот, со претставници од граѓанскиот сектор.