На социјалните мрежи се појави галерија со посмртни фотографии на амбасадори

Галерија со фотографии од повеќе амбасадори, странски дипломати и посредувачи, од утрово кружи по социјалните мрежи. Фотографиите се поставени во комеморативни рамки со црни ленти и погребни свеќи.

Засега не е познато кој е креаторот ваквите некролози, но, според реакциите и досегашните коментари, ова претставува повик на линч на амбасадорите.

Меѓу нив може да се забележат ликовите на амбасадорот на САД, Џес Бејли, на германската амбасадорка Кристине Д. Алтхаузер, на амбасадорот на Велика Британија Чарлс Герет, потоа тука е и претставничката на Франција Лоренс Оер, но и довчерашниот евроамбасадор Аиво Орав. Исто така, со посмртни фотографии се вклучени и поранешниот медијатор во работните групи за договорот од Пржино, Питер Ван Хојте, како и европратеникот Ричард Ховит.

View post on imgur.com

Оваа галерија доаѓа откако лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски на протестот пред ДИК прочита проглас, преку кој обвини дека некои амбасадори премногу се мешале во внатрешната политика.

„Државата мора суверено да ги носи одлуките. Некои амбасадори почнаа премногу да се мешаат во внатрешната политика на земјата. Тоа мора да запре. Остануваме отворени за соработка и комуникации со амбасадорите. Но, амбасадорите кои се мешаат мора да престанат тоа да го прават. ВМРО-ДПМНЕ нема да учествува на состаноци и преговори во кои учествуваат амбасадори или други странски претставници, на кои се носат одлуки за кои одлучуваат претставниците избрани од народот“, рече Груевски.