Македонското здружение на млади правници по повод одбележувањето на Меѓународниот ден на човековите права – 10 декември, потенцира дека во државава се случуваат сериозни повреди на основните човекови слободи и права.
„Дискриминацијата е присутна и евидентна кон припадниците на ромската етничка заедница, ЛГБТИ-заедницата, политичките неистомисленици и жените. Лицата лишени од слобода се соочуваат со нечовечки услови во затворите и останатите институции“, велат од Здружението.
Од таму дополнуваат дека најголемиот дел од институциите, кои согласно Уставот се должни да ги штитат човековите права, со исклучок на Народниот правобранител, затаиле и дополнително ја влошиле состојбата со човековите права.
„Проблемите поврзани со независноста и непристрасноста на судството влијаеја негативно на заштитата на човековите права од страна на редовните судови. Од друга страна пак, Уставниот суд на РМ, кој исто така има надлежност да ги штити човековите права, пристапува со краен формализам и рестриктивност во постапувањето, поради што во 25 години независност само во еден единствен случај нашол повреда на човековите права“, стои во соопштението.