ЦИВИЛ: Граѓаните да гласаат, медиумите да известуваат коректно, а партиите да почитуваат правила за фер избори

ЦИВИЛ денеска потенцираше дека Македонија ги дочекува изборите со целосна хаварија во Избирачкиот список. По сите теренски вкрстувања и проверки, според ЦИВИЛ, „фантомите“ се сé уште на Избирачкиот список, а хаосот е дополнет со масовното исчезнување на граѓанки и граѓани кои досега не биле спорни и кои сé до затворањето на списокот, биле на него. Нагласуваат дека тие со години живеат на иста адреса и гласаат на исто гласачко место.

Само во периодот од 5-ти до 8-ми декември, ЦИВИЛ примила над 600 повици од граѓанки и граѓани, загрижени за тоа дали ќе имаат можност да го искористат своето право на глас на предвремените парламентарни избори. Оттука, ЦИВИЛ бара одговорност на Државната изборна комисија (ДИК) за исчезнатите гласачи кои, едноставно, велат од таму, без нивна вина, „исчезнаа“ од Избирачкиот список, односно, тие се избришани и доведени во ситуација да не можат да го остварат своето уставно загарантирано право на глас.

„Хаосот во електронскиот список на гласачи и партизираноста на ДИК, не смеат да бидат причина за уште една изборна манипулација со волјата на граѓаните. ЦИВИЛ бара од ДИК и од Општинските изборни комисии и избирачките одбори, да им овозможат на сите гласачи со валидни документи да гласаат. ЦИВИЛ стриктно да ги почитуваат и да ги спроведуваат законите и изборната процедура и адекватно да ги информираат гласачите, особено ако ги ‘снемало’ од списоците. Доколку членовите на Избирачкиот одбор утврдат дека гласачот го нема во изводите од Избирачкиот список, задолжително да го упатат во подрачното одделение на ДИК, за на интернет страницатa да се провери дали тој е запишан во Избирачкиот список и ако е запишан, во кое избирачко место може да гласа. Оние што имаат валидни документи, а потполно се избришани, да им се овозможи да гласаат соодветно со максимално широко толкување на Изборниот законик“, рекоа од ЦИВИЛ.

Понатаму, ЦИВИЛ повторно потенцира дека е строго забрането да се уценуваат и заплашуваат гласачите. За жал, велат тие, сé до последниот ден на кампањата, продолжуваат притисоците врз гласачите. Од почетокот на втората недела од предизборната кампања, до ЦИВИЛ стигнале уште над 100 пријави од сите краишта на Македонија.

„Вкупно, над 170 случаи на притисоци, закани, злоупотреби и други категории на нерегуларности, пристигнаа во ЦИВИЛ од 21-ви ноември до 8-ми декември, не броејќи ги пријавите кои се однесуваат на проблемите со Избирачкиот список“, рекоа од таму.

ЦИВИЛ бара веднаш да се престане со заплашување, уцени, притисоци и со купување гласови. ЦИВИЛ им гарантира анонимност на сите граѓани кои ќе пријават неправилности, и ги охрабрува веднаш да ги пријават сите нерегуларности и злоупотреби. Ги повикуваат избирачите слободно да излезат на 11-ти декември на избори, затоа што, велат, никој не смее да го крши или узурпира нивното право – слободно да ја изразат својата волја за тоа кој треба да ја води Македонија во следниот период.

„ЦИВИЛ бара од политичките партии да ги почитуваат законите и правилата за фер и демократски, слободни избори. Бараме од сите учесници во изборниот процес да помогнат изборите да поминат во мир и во демократска атмосфера, без насилство! Бараме почитување на изборниот молк, а медиумите на изборниот ден да известуваат – не навивачки, туку коректно и објективно. Особено предупредуваме да нема говор на омраза или повици на насилство. ЦИВИЛ ги повикува и набљудувачите, коректно да ја извршат својата должност и да ја известат македонската јавност за сите забележани неправилности и кршење на правата на гласачите“, рекоа од ЦИВИЛ.

За овозможување на сите граѓанки и граѓани да го остварат своето право на глас, ЦИВИЛ ги повика и работодавачите да им овозможат на вработените кои и во недела се на работните места, да излезат од работа и да гласаат, а од избирачките одбори бара да го олеснат пристапот до избирачкото место на лицата со посебни потреби.

„Со оглед на нетранспарентноста на финансирањето на кампањите на политичките партии, ЦИВИЛ бара на јавноста да ѝ станат достапни целосни и детални финансиски извештаи, и спроведување на вистински надзор, за да се знае кој од какви извори ги финансирал партиите со колкави износи и за што тие средства се потрошени. Јавноста има право да знае! Државата е должна да го почитува и заштити правото на глас! Одговорните за изборните нерегуларности и отежнувањето на изборниот процес мора да одговараат!“, потенцираа денеска од ЦИВИЛ.