Десет партии се обврзаа на мерки за сексуално образование

Либерално-демократската партија (ЛДП), Либерална партија (ЛП), Нова социјалдемократска партија (НСДП), ВМРО-Народна партија (ВМРО-НП), ДПА, Унитети, Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ), Демократска обнова на Македонија (ДОМ) и Левица се 10-те партии кои се обврзаа дека ќе го поддржат сепофатното сексуално образование.   

Од Младинската платформа за сеопфатно сексуално образование велат дека барањето до политичките партии да се обврзат за преземање мерки за сексуално образование, доаѓа по неколкугодишната јавна дебата, загрижувачкиот тренд на здравствените индикатори кај младите, но исто така, и поради непреземањето на никакви мерки од Министерството за образование и наука.

„За потсетување, Владата на РМ, во изминатите години, усвои дури 4 национални стратегии во кои се препорачува подобрување на информации во училиштата од областа на сеопфатното сексуално образование, а оваа година стигна и директна препорака од Комитетот на ОН за социјални, економски и културни права. По барањето на Платформата, 10 партии се обврзаа дека ќе преземат мерки за унапредување на наставната програма со информации од областа на сексуалното и репродуктивното здравје и права, кои се соодветни на возраста, кои се засновани на научни факти, и кои ги промовираат човековите права и родовата еднаквост“, велат од Платформата.

Од 10-те партии, три од нив оваа мерка ја имаат наведено и во своите политички програми.

Според Платформата, зголемениот број на политички поддржувачи значи дека сексуалното образование го добива потребното внимание, особено ако се направи споредба со изборната кампања 2011 година кога зад ова барање застанаа само 3 политички партии.

„Платформата по изборите ќе оствари соработка со партиите за наоѓање на најсоодветни начини за спроведување на преземената обврска“, велат од таму.

Инаку, Младинската платформа за сеопфатно сексуално образование се: МОФ, ХОПС, ЏЕФ,Младите можат,ИЗЛЕЗ, ХЕРА, Сенки и облаци, YPEER, НМСМ.