„Југохромци“ со протест побараа да се вратат на работа, министерот Амети побара комбинатот да убрза со филтрите

Вработените во комбинатот „Југохром“ денеска точно напладне излегоа на протест во Скопје и еден час ја блокираа крстосницата пред Судска палата. Тие бараа да се вратат на своите работните места.

Синдикатот на „Југохром“ бара да се тргне забраната за работа на фабриката затоа што, како што велат, возможно е поставувањето филтри во текот на работниот процес.

Потоа, „југохромци“ отидоа во Инспекторатот на Министерството за животна средина, каде што доставија протестно писмо. Тие бараат се повлече мерката за забрана за работа на комбинатот, од каде егзистенција обезбедуваат неколку илјади жители на Јегуновце и на регионот.

„Југохром“ по барање на Државниот инспекторат за животна средина не работи од почетокот на месецот, кога беа исклучени печките, бидејќи сè уште не се поставени филтрите за отпрашување. Иако печките се исклучени, вработените велат дека мерните станици во Тетово бележат висока концентрација на штетни честички во воздухот.

Со протестот на „југохромци“ се јави и министерот за животна средина, Башким Амети, кој го повика раководството на комбинатот од Јегуновце да го забрза процесот за поставување филтри со што ќе се исполнат условите овој производствен капацитет повторно да почне да работи.

„Раководството на комбинатот мора најинтензивно и најбрзо да работи на поставување на филтрите за да може комбинатот да работи и вработените да се вратат на нивните работни места. Го охрабрувам раководството на комбинатот да изнајдат решение за барањето на вработените се до поставување на филтрите“, рече Амети на прес-конференција.

Амети потполно ги разбира барањата и маките на работниците од „Југохром“, но посочи дека уште на почетокот потенцирале дека не било лесно да се донесе одлуката за затворање на комбинатот.  Нагласи дека се работи за конкретна мерка за да се намали нивото на загадување на воздухот во Тетово.

Фото: Мета