Дебата и предавање на тема ‘ризикот од радикализација кај младите’ организира Францускиот институт во Скопје на 28 и 29 ноември. На темата ќе зборува Натали Лика, антрополог и директор за истражувања во Центарот за истражувања на Франција, а модератор ќе биде Антоанела Петковска професор на Институтот за социологија на Филозофскиот факултет во Скопје.
Дебатата е во понеделник во 19:30 часот, во кафе-книжарницата „Магор“, а предавањето во вторник, во 19 часот, во ЕУ инфоцентар.
„Светот денес се соочува со феноменот на радикализација кај младите, којшто има трагични последици. Дебатата и предавањето предлагаат социолошки пристап кон темата и имаат за цел да ги објаснат механизмите кои ги туркаат младите кон оваа крајност“, пишува во повикот на Францускиот институт.
И двата настани ќе бидат со превод на македонски јазик, а влезот е слободен.