Слободата на интернетот шеста година по ред се влошува, додека властите – како никогаш претходно – ги попречуваат социјалните мрежи и комуникациските апликации како средство за брзо ширење информации, особено за време на анти-владини протести, вака Фридом Хаус го најавува извештајот за слободата на интернетот, кој беше објавен минатата недела.
Две третини од сите корисници на интернет живеат во земји каде критиките на властите, војската или владеачкото семејство се предмет на цензура. Кина, Иран, Сирија и Етиопија имаат најлоша оценка во слободата на интернетот, додека Исланд, Естонија и Канада се најслободните земји во оваа категорија за 2016 година.
„Корисниците на социјалните мрежи се соочуваат со досега непознати казни. Властите во 38 држави уапсиле лица поради објави на социјалните мрежи. Глобално, 27 проценти од сите интернет корисници живеат во држави каде луѓе биле уапсени за објава, споделување, или само за „лајк“ на содржини на Фејсбук“, гласи еден од заклучоците на извештајот „Слобода на интернетот 2016“.
Најважните трендови до кои стигнале Фридом Хаус, анализирајќи ги податоците, се и дека властите цензурираат многу поширок дел од содржините (како сајтови за дигитални петиции, повици за протести, содржини на сајтови кои се однесуваат на ЛГБТИ проблеми, а интензивирана била и цензура на фотографии), властите преку безбедносни мерки и нови закони го загрозиле слободниот говор и ја ограничиле приватноста, а забележано е и дека онлајн активизмот достигнал до највисоки нивоа (во две третини од државите, интернет активизмот довел до некаков видлив резултат).
Најголеми падови, од изминатата година, во слободата на интернетот се регистрирани кај Уганда и Бангладеш.
Содржини на Фејсбук довеле до најмногу апсења, додека најмногу се ограничувала апликацијата WhatsApp.