Кочанчани во недела излегуваат на протест, бараат затвор за монструмот кој се изживува со уличните кучиња

Кочанското здружение Втора шанса, поддржано од сите македонски здруженија за правата на животните, најави протестен собир во градот, со кој ќе побара итна интервенција од полицијата, социјалните установи и сите останатите надлежни, за да го спречат лицето кое со години малтретира улични кучиња. Тие бараат затвор, или негово хоспитализирање.

„ Ги повикуваме сите хумани, засегнати граѓани да нè поддржат зошто преку игнорирање на ова лице – кое треба да биде прегледано, анализирано/хоспитализирано/ или затворено (постојат надлежни, стручни служби да извршат проценка) е засегната безбедноста на сите, а немо и без совест и срам се толерира мачење и убивање на животните! Не е далеку денот кога би посегнал и по човечки живот. Дел од активистите во Кочани почнаа да добиваат и закани од блиски лица на Н.Т. Да дадеме поддршка на овој протест и да покажеме дека на злото не му е местото во едно општество и идност каква што посакуваме“, стои во повикот за протестниот собир.

Сепак, тие во нивниот апел потсетуваат дека упорно не се презема ништо, и покрај известувањата на медиумите за неколкуте грозоморни случаи. Од Здружението нагласуваат дека и мајката на ова лице сведочела дека е малтретирана, исто како и животните.

„Полицијата, останатите надлежни институции се тие кои не превземаат ништо и како такви, во нив лежи одговорноста за бројните мачени, силувани, убиени кучиња во Кочани“, велат од Здружението.

Протестот ќе започне во 14:30 часот, во центарот на градот.