„Политиката надвор од мојот авион“ – пилот не дозволи кавга на американски лет

Пилотот на Јунајтед Ерлајнс доби аплауз откако реагираше на наводна расистичка расправија помеѓу патници на неговиот лет.

На социјалните мрежи брзо се рашири видеото како пилотот не дозволува политички избувнувања на неговиот лет и повикува на основна почит помеѓу луѓето.

Според корисникот кој го постирал видеото, се работело за расправија на маж кој со расистички коментар („мило ми е што го задржав оружјето“) и се обратил на Афро-американка, по што таа почнала да плаче и да прави паника. Патниците биле раздвоени и тогаш следела пораката од пилотот низ разгласот:

„Разбирам дека секој има свое мислење и тоа е во ред. Ако го поддржувате – добро, ако не го поддржувате – ве разбирам. Сепак ние сме овде да одиме за Пуерта Валјарта и да си поминеме убаво и тоа што го барам од вас е, да имаме основна пристојност и да ги почитуваме одлуките на другите. Ајде да ги задржиме нашите мислења за себе на оваа тема во моментов. Кога ќе се оладат главите и кога ќе можеме да разговараме и да сфатиме дека сите сме луѓе и можеме да бидеме заедно… ако некој има проблем со ова – ако му е потребно да се издува, да се дере или да дига паника – утре има друг лет. Немате потреба да бидете на овој. Се надевам дека е јасно“, рекол пилотот по што следувал аплауз од патниците.

Видеото доаѓа по серија на расистички инциденти во повеќе американски градови откако завршија изборите во САД.