На „Партизанска” веќе нема паркирање

На тротоарот по должината на булеварот „Партизански одреди”, кај ТЦ”Буњаковец” повеќе нема да може да се паркира, соопштуваат од Град Скопје. Градските власти деновиве поставија заштитни столбчиња на пешачката патека за да се забрани паркирање на возила на тротоарот.

Досега тротоарите кај „Буњаковец” беа единственото место во центарот на градот каде можеше да се паркира бесплатно, па поради тоа тие постојано беа блокирани од автомобили, наместо за пешаците.

„Столпчињата се поставени за да се спречи паркирањето возила. На овој потег се гради велосипедска патека, дел од рутата 2, која ќе биде покрај “Партизанска”, до населбата Влае. Со тоа еден дел ќе биде наменет за пешаци, а вториот за велосипедисти”, велат од Град Скопје.

Пред три дена, станарите од улиците кај Универзална сала (Конгресен центар „Александар Македонски“) ја блокираа „Партизанска“ со своите автомобили, за да укажат на недоволно место за паркирање, откако на целиот тој потег почнаа градежни зафати. Реакцијата на Град Скопје беше дека кај ТЦ „Буњаковец“ ќе биде изградена велосипедска патека како дел од проектот „ВелоСкопје“.