Од „Претседателот Трамп“ до „Куќата на хоророт“, насловните на весниците за изборите во САД

Највлијателните весници во Соединетите Американски Држави ги објавија своите насловни страници кои ќе се појават на продажните места низ земјата и светот по победата на Доналд Трамп на претседателските избори.

Њујорк Тајмс и Вашингтон Пост излегоа со исти наслови „Трамп Триумфира“.

Њујоршкиот весник Дејли Њуз на насловната страница напиша „Куќа на хоророт“, со асоцијација на Белата Куќа која е во позадина на текстот.

Вол Стрит Журнал излезе со наслов „Претседателот Трамп“, додека Бостон Глоуб напиша „Трамп шокираше“.


Австралискиот Дејли Тајмс со двосмислен наслов „W.T.F – Will Trump Flourish or… fail (Дали Трамп ќе расцвета или ќе овене)“, додека оваа скратеница на англиски јазик истовремено значи и чудење од одлуката.

Европските весници допрва треба да ги објават своите насловни страници. Британскиот Индепендент објави „Претседателот Трамп“, но на социјалните мрежи најмногу внимание привлече каталонскиот Ел Периодико, кој на насловната страна објави „Боже прости и на Америка“.

Норвешкиот таблоид ВГ, немаше потреба да ги чека изборните резултати – нивната насловна беше спремна за победа на било кој од кандидатите – со ист текст за кандидатите: „Историски“.

Видеото во продолжение покажува и како од час во час се менувал изгледот на првата страница на Вашингтон Пост. Од „Клинтон или Трамп“, преку „Денот на одлука“ и „Премногу тесно за да се прогласи победник“, до конечната „Трамп триумфира“.


Францускиот сатиричен неделник „Шарли ебдо“, пак, на насловната страница го прикажува испотениот претседател Барак Обама со зацрвенети очи, како бега од двајца бели полицајци кои пукаат во него.
„Обама, повторно обичен граѓанин, како сите нас“, пишува на насловната страница.