Охриѓани се против „развојни проекти“ за уништување на Охридско езеро и Галичица

Какви последици врз крајбрежниот појас на Охридското езеро ќе има изградбата на експресниот пат Охрид – граница со Репиблика Албанија? Како ќе влијае урбанизацијата на Студенчишкото блато и  изградбата на скијачки терени и хотелски комплекс на Галичица? Какви последици ќе има од изградбата на медитеранска плажа на месноста Лагадин?

Ова се прашањата кои Движењето на екологисти (ДЕМ) ги поставија при анкета со граѓаните од Охрид. Испитувањето на јавното мислење беше реализирано во рамки на отворениот ЕКО ден, кој се одржа во склоп на проектот „Застапување на мрежи од невладини организации за одржлива употреба на енергија и природни ресурси во Западен Балкан и Турција“ финансиран од Европската комисија“,

Анкетата произлезе од загриженоста на активистите за реализација на најавените зафати, кои од властите се окарактеризирани како „развојни проекти“. Според ДЕМ, и граѓаните се изјасниле дека проектите ќе имаат негативно последици врз средината. Особено се интересирале и се отвориле дебати против реализација на патот Охрид – Св. Наум и изградбата на ски-терен и хотели на Галичица.

Резултатите од анкетата ќе бидат испратени до новата Влада, Министерството за животна средина и локалната самоуправа.

Инаку, најавените инфраструктурни проекти во заштитените зони на Галичица и езерото се најдоа и во заклучиците на УНЕСКО на самитот во Истанбул. Република Македонија беше предупредена за можните негативни последици, со што би можело да се загрози и статусот – светско природно и културно наследство.