Светот е во „нова ера на реалноста од климатските промени“, со надминување на симболична граница на јаглерод диоксид во атмосферата кој нема да се намали под тоа ниво и во следните повеќе генерации, заклучуваат научниците.
Во 2015 година, за прв пат, нивоата на јаглерод диоксид во атмосферата беа просечно на 400 милионити делови во текот на целата година, открива годишниот извештај на Светската Метеоролошка Организација (СМО), пренесува Гардијан.
Најстарата станица за мониторинг на стакленички гасови во светот, во Мауна Лоа на Хаваи, предвидува дека концентрациите на јаглерод диоксид ќе останат над симболичната вредност од 400 единици на милион во текот на целата 2016 година и ќе достигне и нови повисоки вредности.
Поголемиот раст од очекуваниот, на стакленичките гасови во атмосферата, бил поттикнат од силниот временскиот феномен Ел Нињо во Тихиот океан, кој почна во 2015, а продолжи и оваа година. Тоа предизвика период на суши во тропските региони и ја намали способноста на шумите, вегетацијата и океаните да абсорбираат јаглерод диоксид, оставајќи го во атмосферата.
Количините на јаглерод диоксид се движеа на ниво од 270 единици на милион пред индустриската револуција, концентрација која според СМО претставува природен баланс на Земјата. Рамнотежата е нарушена од човечките активности и просечните нивоа на јаглерод диоксид минатата година биле за 44% повисоки од пред-индустрискиот период.
Извештајот за стакленичките гасови е објавен пред следната рунда климатски разговори, кои ќе ја означат почетната имплементација на Договорот од Париз, првиот сеопфатен договор за справување со климатските промени кој беше договорен во главниот град на Франција минатата година.