Илјадници жени во Аргентина ќе престанат со работата денес, во знак на протест после грозоморното силување и убиство на 16-годишната Лучија Перез.
Перез починала на почетокот на месецов во градот Мар дел Плата. Двајца мажи кои ја однеле во болница на 8 октомври, облечена во чиста облека и избањата, рекле дека се предозирала со дрога. Но, докторите пронашле докази за екстремно сексуално насилство.
Во нејзина чест ќе започне марш, во 17 часот по локално време во Буенос Аирес. Активистичките групи ги повикуваат жените да носат црно кога ќе излегуваат од работното место, во 14 часот по локално време денес. Ги нарекуваат активностите „Миерколес Негро“, што на шпански значи „Црна среда“.
„Во вашата канцеларија, училиште, болница, суд, редакција, продавница, фабрика, или каде и да работите, престанете со работа на еден час за да побарате крај на „мачиста“ насилството“, пишуваат организаторите на маршот.
Матијас, 19-годишниот брат на Матијас, на Фејсбук објави дека излегувањето на улица и протестирањето заедно е еден начин да се спречат уште „илјада Лучии“ да бидат убиени, и единствен начин „да ѝ се затворат очите и таа да почива во мир“.
После смртта на Лучија, биле уапсени тројца мажи. Обвинителите велат дека била издрогирана со кокаин и марихуана пред силувањето. Била содомизирана со тврд објект, и како последица од огромната болка доживеала срцев удар. Починала кратко откако била однесена во болница.
Главната обвинителка, Марија Исабел Санчез, за медиумите изјавила: „Знам дека не е многу професионално да го кажам ова, но јас сум мајка и жена и сум видела илјадници нешта во мојата кариера, но ништо не е еднакво на овој гнасен акт“.
Министерот за правда на Аргентина, Герман Гаравано, се сретнал со родителите на Лучија минатата недела и рекол дека владата работи на тоа младите „да не завршат како жртви на вакви трагични чинови“.
Во јуни, десетици илјади луѓе ги наполнија улиците на главниот град на Аргентина, во протест против насилството врз жените, а постојаните маршови и протести го прифатија слоганот „Ни уна менос“ – „Ниту една жена помалку“.
Во просек, една жена умира како последица од семејно насилство на секои 36 часа во државата. Аргентина го усвои и законот против фемицид во 2012 година, со построги казни за мажите кои убиваат жени кога во мотивот на кривичното дело се вмешани и родовите улоги.
Со новиот закон се воведуваат и тешки казни за семејното насилство. Петнаесет други земји во Латинска Америка имаат напишано вакви закони, но критичарите велат дека не се ефикасно имплементирани.