Јавните собири и протести се забранети во Анкара поради можни напади

Главниот град на Турција, Анкара, ги забрани сите јавни собири и демонстрации до крајот на ноември откако прими информација за „можни терористички напади“.

Властите во Анкара преку соопштение информираа дека ваквите собири се забранети до 30 ноември, додека трае вонредната состојба која беше воведена по неуспешниот обид за пуч на 15 јули. Тие велат дека одлуката била донесена за да „осигура безбедност на луѓето и јавен ред“.

Управата, која е задолжена за безбедноста на градот и околината, соопшти дека имале дојава за „забранети терористички организации кои се подготвуваат за акции“.

Без да ги именува организациите, оттаму велат дека групите планирале напади за време на демонстрации и собири.

Со забраната се спречуваат протести на отворени или затворени јавни места како улици, авении, паркови или плоштади, како и игри и перформанси на јавни места. Јавни тела можат да организираат настани на јавни места, но само ако добијат посебна дозвола од канцеларијата на гувернерот.

Денот на Републиката, на 29 октомври, со кој се одбележува прогласувањето на Република Турција, како и Денот на сеќавањето, на 10 ноември, што ја одбележува смртта на основачот на републиката Мустафа Кемал Ататурк, се во период кога забраната е на сила. И двата настани привлекуваат огромен број на луѓе во Анкара секоја година.

Минатата недела, властите во Анкара изречија слична забрана за време на верскиот собир за Денот на Ашура, со истото објаснување. Според првичната забрана, во градот не требаше да бидат дозволени собири во текот на целиот месец на Мухарам, но по бурните реакции од опозицијата, властите решија да ги дозволат собирите за Денот на Ашура во затворени простори.

Повикувајќи се на „загриженост за безбедноста“ властите во Анкара, исто така, ги забранија јавните собир на 10 октомври, кога се одбележуваше првата годишнина од двојниот бомбашки напад во кои загинаа 103 мировни активисти кои се обидуваа да одржат митинг пред главната железничка станица.

На семејствата на загинатите и на претставници од граѓанското општество им беше дозволено да положат цвеќе пред железничката станица, но полицијата искористи солзавец и водени топови за да ги растера собраните демонстранти.

Главниот град на Турција во неколку наврати беше погоден од терористички напади изминатата година, а за тоа беа обвинети Исламска држава и Курдските вооружени групи.

Најмалку 30 луѓе беа убиени на 17 февруари, а 37 ги изгубија своите животи на 13 март при нападите, за кои одговорност презедоа Курдските борци.

Анкара, исто така, беше главна цел на 15 јули за време на неуспешниот обид за пуч, за кој власта го обвини исламскиот проповедник Фетулах Ѓулен, кој со години е пребегнат во САД.