Ќе се руши семејната куќа на Адолф Хитлер, можно е да стане бегалски центар

Куќата во која се родил Адолф Хитлер во 1889 година, ќе биде срушена и заменета со нова зграда, објавија од Владата на Австрија.

Министерот за внатрешни работи, Волфганг Соботка во понеделникот изјави дека „тврдокорно архитектонско ремоделирање е неопходно за трајно да се спречи препознавањето и симболизмот на зградата“.

Портпаролот на министерството Карл-Хајнц Грундбек вели дека тоа значи дека куќата, која се наоѓа во западниот град Браунау, ќе биде заменета со нова структура.

Постојат стравови дека местото би можело да стане место за „аџилак“ за неонацистите, вели Соботка, па затоа секоја поврзаност со Хитлер мора да се отстрани.

Со тоа се завршува и долгогодишен спор меѓу владата и сопственикот на куќата, чие семејство има сопственост над имотот подолго од еден век.

После австрискиот „Аншлус“ (анексирање и припојување кон германскиот нацистички режим) во 1938, куќата станала сопственост на нацистите, а била вратена на сопственикот во 1952 година, јави Дојче Веле на почетокот на годинава.

Сопственикот одбивал да ја продаде куќата и покрај повеќето обиди на владата. Нејасно е зошто сега го променил мислењето.

Околу 17000 жители на Браунау сега дебатираат за намената на зрадата која ќе биде подигната. Некои од нив предлагаат таму да биде отворен центар за бегалци, а други сметаат дека треба да биде музеј посветен на независноста на Австрија и ослободувањето од нацизмот.