Изложбата „За слобода и независност“ утре се отвора во „Марко Цепенков“

Во изложбениот салон на ЦК „Марко Цепенков“, Прилеп, утре ќе биде отворена изложбата „За слобода и незавиност“. На изложбата ќе бидат претставени 20 фотографии, а ЦК  ја реализира во соработка со Амбасадата на Унгарија во Македонија, Почесниот конзулат на Унгарија во Битола и општина Прилеп.

„Покрај убавината и естетиката, уметноста поседува и една посебна карактеристика која ја прави уште поуникатна. Тоа е способноста да поврзува, да зближува. Оваа изложба поврзува два народи кои историски можеби и никогаш не биле поврзани, но затоа пак делат исти истории и сведоштва од минатото. 23ти Октомври, како датум е подеднакво значаен и за Македонија како и за Унгарија. На овој ден во двете земји се празнува борбата и желбата за слобода и независност. Ако за Македонија 23ти Октомври се празнува денот на македонската револуционерна борба, истиот тој ден во Унгарија се празнува денот на унгарската револуција. На тој ден пред точно 50 години млади студенти, поддржани од своите професори и останати интелектуалци ја започнуваат револуцијата против тогашниот Советски Сојуз и комунистичкиот систем. Иако нивната радост траеше многу кратко поточно 14 дена, сепак гласот на оваа револуција одекна надалеку и беше насловна страна на тогаш а и денес светски најпознати медиуми“, стои во најавата за изложбата.

Од ЦК „Марко Цепенков“ велат дека во оваа изложба се вклучену и таканаречените херои од Буда, кои, како што велат, ги жртвувале своите животи за слободата на Унгарија.

„Со оваа изложба се надеваме дека уште повеќе ќе ги зближиме народите од Македонија и Унгарија потсетувајќи ги дека и двата делат жална но многу богата историја“, стои во соопштението на „Марко Цепенков“.