Љутфиу: За две недели почнува првиот академски час на универзитетот „Мајка Тереза“

Ја подготвуваме техничката документација за во Централен регистар за идната недела да добиеме решение како правен субјект. Потоа Министерството дава решение за работа. Се очекува за некои две недели да се одржи првиот час на универзитетот „Мајка Тереза“, изјави денес министерот за образование Пиштар Љутфиу.

На денешната прес-конференција, Љутфиу потврди дека новиот универзитет „Мајка Тереза“ ќе ги користи просториите на Универзитетот Југоисточна Европа (Штулов универзитет) во Скопје. Во 2017 година се очекува да почне изградба на негов сопствен објект на местото на касарната „Илинден“.

Според Љутфиу, досега се пријавиле 80 кандидати што сакаат да студираат на новиот универзитет. Конкурсот предвидува 1.220 места за запишување студенти во прва година за сите пет факултети на „Мајка Тереза“.

За наставен кадар, пак, аплицирале 170 лица, а избрани се 45 кои ги исполнувале условите. Наскоро ќе биде објавен нов оглас за 39 наставнички места.

Министерот потврди и дека имале средба со наставниот кадар на новата високообразовна установа, а избран е и Сенат кој, пак, за в.д. ректор го избрал Азиз Положани, поранешен министер за образование. Неговиот мандат е шест месеци.

За новиот универзитетот од буџетот се обезбедени 80 милиони денари. Во негов состав се пет факултети на кои се распоредени засега 45­-те професори и асистенти: факултет за социјални науки, за информатички науки, за технолошки науки, за технички науки и факултет за градежништво и архитектура.

Иако остануваат повеќе нерешени прашања околу наставниот кадар, просторните услови и буџетот, Љутфиу периодов тврдеше дека тие се лесно надминливи. Сите тие ќе се решаваат во од.

За дел од професорите, пак, целиот концепт е набрзина направен, без задоволување на основните услови. Пленумот на професорите побара веднаш да се поништат одлуките за формирање на универзитетите „Мајка Тереза“ и „Дамјан Груев“.  Смета дека одлуки на Владата за основање на нови државни универзитети се погрешни, штетни и сериозно проблематични. Со одлуките, рекоа тие, уште повеќе ќе се корпоративизира високото образование и сите јавни добра полека стануваат сопственост на Владата на Р.М.

„Имено, со ваквите одлуки се чини дека Владата заедно со МОН сака да ги разори постоечките универзитети и високообразовни институции кои со децении создаваат квалитетни кадри и да ја уништи традицијата на воспоставување стандарди во високото образование во Република Македонија“, рекоа од Професорски пленум.

Пленумците сметаат дека Македонија со сета своја задолженост нема финансии за одржување на седум државни универзитети, а истовремено со сиот одлив на мозици и млади луѓе кои заминуваат од државата, нема доволно студенти за да опстанат сите формирани универзитети.

„Бројот на студенти во Македонија е конечен и ограничен. Многу од факултетите ни сега не успеваат да ги наполнат уписните квоти. Во моменов, во  држава со околу два милиони жители – работат 23 државни и приватни Универзитети и Виши школи во 15 градови, на кои има 135 факултети и 466 наставни програми. Со новите планирани универзитети, бројката ќе изнесува 140 факултети и 480 наставни програми. Бројот на доктори на науки во Република Македонија е конечен и ограничен, а бројот на доктори на науки надвор од постојните ВОУ и од постојните научни институции е мал. Владата на и МОН и наука не направија соодветна анализа за потребите на кадрите кои ќе се произведуваат на новите универзитети ‘Мајка Тереза’ и ‘Дамјан Груев’“, рекоа меѓу другото од Пленумот, потенцирајќи дека нема да отстапат од своите барања за поголема вклученост на академската заедница во одлуките кои директно ја засегаат.