Муралот од Вилнус, кој го објавија најпознатите светски медиуми, а на кој рускиот претседател Владимир Путин е прикажан како се бакнува со кандидатот за претседател на САД, Доналд Трамп, е уништен со бела боја.
Интернационално познатиот мурал, кој се наоѓа на ѕидот на скара-ресторанот „Keulė Rūkė“, бил уништен од страна на непознати вандали, кои врз него истуриле бела боја.
Муралот е дело на локалниот уличен уметник Миндаугас Бонану. Беше многу популарен на социјалните медиуми, откако уметникот го откри во мај.
Сопственикот на ресторанот, Доминикас Чечкаускас, вели дека цензурата не е само „едноставен вандализам“, туку „тероризирачки напад на слободата на говор во Литванија“.
„Целта на нападот е да не потсети нас, луѓето на слободниот свет, дека се уште има активни адвокати на авторитаризмот во нашето општество“, напишал на Фејсбук страницата на ресторанот.
Инспирацијата за муралот е земена од озлогласената слика од 1979 година, на која советскиот лидер Леонид Брежњев го бакнува источногерманскиот претседател, Ерих Хонекер.
„Видовме сличности меѓу двајцата херои, Трамп и Путин. Обајцата имаат его кое е преголемо, и смешно е што некако се согласуваат“, изјавил претходно Чечкаускас. Тој ветува дека делото ќе биде обновено бидејќи е „светски познат симбол на слободата и отпорот“.