Тараби покрај ГТЦ, од Град Скопје велат дека се реконструира паркот

Тарабите поставени околу паркот „Жена Борец“ не се поради реконструкција на Градскиот трговски центар (ГТЦ), како што првично се прошири сомнеж на социјалните мрежи, туку поради реконструкција на паркот, информираат утринава од Град Скопје.

„Во наредниот период ќе се изврши реконструкција на пешачките патеки во паркот, ќе се постави ново осветлување, ќе се реконструира зеленилото, а на крај ќе биде поставена и нова урбана опрема. Градежните работи на терен ги извршува фирмата „Урбан инвест“ од Кавадарци“, се наведува во соопштението.

Во моментов, како што јавува од терен репортерот на Радио МОФ, во паркот „Жена Борец“ се поставуваат бетонски плочки. Градежната механизација е на терен и се работи. Тараби во моментов се поставени меѓу Градскиот трговски центар и паркот Жена Борец.

Информацијата ја потврдуваат и од Општина Центар. Велат дека по нивната инспекциска контрола синоќа, денеска добиле официјално соопштение дека се работи на партерно уредување на паркот кој е под надлежност на град Скопје и дека не се работи за никаква интервенција на фасадата на ГТЦ. Од Општината додаваат и дека ќе продолжат будно да ги следат градежните активности во паркот и благовремено ќе реагира доколку се започне со било какви сомнителни градежни активности.

Синоќа на социјалните мрежи за кратко време се проширија сликите од поставената ограда околу ГТЦ, со коментари и сомневања помеѓу граѓаните дека започнуваат градежните работи за промена на изгледот на објектот во барок.