[Галерија] Мачорот Лари останува на „Даунинг стрит“

Официјално познат како мачорот кој има задача да го реши проблемот со глувците во резиденцијата на премиерот на „Даунин стрит бр. 10“, Лари нема да му се приклучи на Дејвид Камерон и неговото семејство кога ќе си заминат.

Наместо тоа, тој ќе ја поздрави наследничката на Камерон, Тереза Меј и нејзиниот сопруг Филип, обидувајќи се да ја штити познатата резиденција и нејзините канцеларии од штетници.

Овој смел мачор, се појавува во повеќето директни тв-преноси пред резиденцијата на премиерот уште од 2011 година, откако за време на еден директен пренос, пред влезната врата имало голем црн глушец. Сепак, некои велат дека и не е толку добар ловец на глувци.

Мачорот беше емотивна тема на разговор во последното појавување на Камерон како премиер во Парламентот. Камерон го искористи времето за прашања за да стави крај на гласините дека тој не го сакал мачорот, кој беше донесен на „Даунинг стрит“ од животинско засолниште.

„Јас го сакам и имам фотографски доказ што го покажува тоа“, рече Камерон, покажувајќи слика од Лари како лежи на неговиот скут.

Камерон рече дека му е жал што не може да го земи Лари со него, бидејќи тоа е државен мачор и припаѓа во резиденцијата.

„Тој и припаѓа на куќата и вработените го сакаат многу“, рече тој.

Во претходните години, улогата на Лари ја имаше Хемфри, кој се пензионираше во 1997 година, по успешна кариера како ловец на глувци.

Во продолжение, погледнете дел од грациозноста на овој мачор од „Даунинг стрит бр. 10“.