Жител на Мисури претворил стар камион во бесплатна мобилна бања за бездомници

Жител на Мисури претворил стар камион во мобилна бања за бездомници

Џејк Остин од Сен Луис, Мисури, сакајќи да им помогне на бездомниците во неговото соседство со тоа што ќе ги снабди со основните потреби, ја создал Shower to the People Mobile Shower Unit.

Станува збор за мобилна бања во која има две туш кабини каде можат да се искапат во приватност, со соблекувални, неколку лавабоа и огледала, каде бездомниците можат да се избричат и да ги измијат забите.

„Добиваат храна и облека, но се немаат истуширано и по три месеци. Не можат да добијат работа ниту во сендвичара“, вели Остин, 31-годишен пастор, кој го купил стариот камион за 5 илјади долари од Крегслист, и самиот го пренаменил во мобилна бања.

До крајот на месец мај, со мобилната бања посетувал неколку локации низ пошироката област на Сен Луис секоја недела, за оние кои немаат каде да се избањаат да го направат тоа лесно и бесплатно. Посетителите на бањата добиваат и хигиенски продукти и чисти пешкири. Во просек во еден ден, во бањата доаѓаат околу 60 луѓе.

Остин исто така води и социјално претпријатие наречено Raise the Bar, кое обезбедува полувремено вработување на луѓе кои претходно немале дом. Тие произведуваат сапун, кој потоа се дистрибуира бесплатно на оние кои ја користат мобилната бања.

Остин се надева дека со едноставниот гест на давање на приватен простор каде луѓето ќе се исчистат ќе им помогне да си го вратат достоинството, бидејќи оние што живеат на улица често го губат.

„Ако можеме да им овозможиме на луѓето редовно да се капат, им даваме малку надеж“, вели тој. „Дајте им малку надеж, и тие самите ќе ги направат наредните чекори. Ќе продолжат да се искачуваат“, вели Остин.