Светскиот ден на населението 2016 е посветен на тинејџерките

Светскиот ден на населението, 11 јули, годинава е со фокус на тинејџерките. Според Фондацијата за население на Обединетите Нации, и покрај обидите што се направени за родова еднаквост, тинејџерките остануваат сериозно ранлива категорија. Во соопштението на организацијата се вели дека на голем број девојки се уште им се погазени правата, а остануваат и дискриминацијата, експлоатацијата и сиромаштијата.

„Во некои делови од светот, семејството и заедницата ја сметаат девојката во пубертет подготвена за брак, бременост и за породување. Таа може да е омажена и принудена да го напушти училиштето“, изјави извршниот директор на ОН Бабатунде Осотимеин.

„Таа може да страда од исцрпување, како фистула, поради породување пред нејзиното тело да е подготвено. Нејзе може да и бидат одземени и човечките права“, вели Осотимеин.

Сепак, тинејџерките имаат огромен потенцијал, велат од организацијата. Кога нивните права се исполнети, тие го збогатуваат светот и се поздрави, со што полесно би ја надминале сиромаштијата. Со почитување на нивните права, тие придонесуваат за својата заедница и економијата, нивните напори, идеи и имагинации се неограничени.

Организацијата подготви шест графикони, кои покажуваат зошто е неопходно да се инвестира во тинејџерките.

1. Бројот на млади луѓе е најголем во досегашната историја на човекот.

Сегашната генерација на млади луѓе, оние на возраст од 10 до 24 години, брои 1,8 млади луѓе, од вкупното светско население кое изнесува 7,3 милијарди луѓе. Во 1950 година, имало само 721 милиони луѓе во оваа возрасна рамка.

2. Околу девет од десет млади луѓе живеат во помалку развиени држави. 

Неверојатни 1,59 милијарди млади луѓе живеат во земјите во развој, каде што е поголема веројатноста да се соочуваат со сиромаштија и недостиг на пристап до здравствена заштита и образование.

3. Половина од младите луѓе се соочуваат со алармантна ранливост – бидејќи се девојки. 

Насилството врз жената и девојчињата е едно од најголемите злоупотреби на човечките права. Половина од сите сексуални напади се извршени врз девојчиња на 15 години, или помлади. Истражувањата покажуваат дека речиси 20 отсто од жените искусиле сексуално насилство како девојки. Најчесто, овие злодела поминуваат неказнето.

4. Во државите во развој, една од три девојки е омажена пред да наполни 18 години. 

Една третина од сите девојки во државите во развој (со исклучок на Кина) се омажени додека се деца. Ова значи дека иднината на 47, 700 девојки се пренасочуваат секојдневно. Тие се соочуваат со физичко и сексуално насилство. Овие девојки често го напуштаат училиштето за да се грижат за домаќинството.

5. Детските бракови често се проследени со бременост, иако девојката не е физички и психички подготвена.

Секојдневно, во земјите во развој, над 20 000 девојки на возраст под 18 години, стануваат мајки, додека 7 милиони годишно.

Бременоста кај адолесцентите обично не е резултат на свој избор. Напротив, тоа е последица на отсуство на можност за избор. Девојките кои забременуваат имаат тенденција да бидат посиромашни и да имаат малку или воопшто да немаат пристап до сексуално и репродуктивно здравје, нега и информации.

Бременоста, пак, влијае врз нивното образование и потенцијалот за идната заработка. Тоа, исто така, значително ги зголемува ризиците по нивното здравје. Всушност, компликациите од бременоста и породувањето се втора водечка причина за смрт кај девојчињата на возраст помеѓу 15 и 19 години.

6. Решението за крај на овие злоупотреби на човечките права е оспособување на девојките.

Кога девојките се ценат еднакво како момчињата, кога им е дозволено да се едуцираат, кога се ослободени од насилство и имаат пристап до сексуално и репродуктивно здравје, тие се способни сами да се застапуваат. Образованите девојки подоцна би се омажиле и би забремениле, а нивните деца во иднина би биле поздрави. Овие девојки имаат поголема веројатност целосно да го искористат својот потенцијал.

„Владите насекаде мораат да инвестираат во тинејџерките, со тоа што ќе ги поддржат во нивните животни одлуки и да ги обезбедат така што еден ден сами ќе заработуваат за живот, ќе се ангажираат во своите заедници и ќе бидат исто конкурентни со нивните машки колеги“, вели Осотимеин.

„Тинејџерка чии права се почитуваат и која може да го оствари нејзиниот целосен потенцијал, е девојка која може да придонесе во економијата и социјалниот напредок на нејзината заедница и нација“.