Работи, патувај и остани во САД

Автор: Весна Коловска

Извор: НВО Инфо центар

Три високи семејни куќи една до друга, на главната улица од една од поновите штипски населби, се место каде останаа да живеат само средовечни брачни двојки. Секој ден, едни за други имаат исто прашање– дали се видоа со децата на Скајп? На сите три семејства децата им се во Америка.

На Валентина и Петар Арсови, синот и ќерката им се во околината на Чикаго. Пред повеќе од пет години прво заминала ќерката, која откако се запишала на последипломски студии, отишла да работи преку програмата Work and Тravel. По завршувањето на четири месеци – периодот за кој добила виза, одлучила да остане како илегалец. Повеќе од пет години Арсови ја немаат видено својата ќерка. Речиси секојдневно ја гледаат на Скајп. Исто како и синот, кој веќе втора година е со неа. И тој заминал на ист начин. По две лета одење и враќање, лани  одлучил да остане. Таа работи во администрација на транспортна компанија на Македонец во САД, додека синот е камионџија. Негов колега е соседот со кој во Штип го дели една ограда. И тој е отиден преку програмата Work and Тravel, откако завршил втора година на факултет. Од недамна им се придружи и третиот сосед, но тој заминал откако добил зелена карта преку лотарија. Сега сите живеат  во ист стан , во добро и лошо.

„Најтешкиот ден во животот ми беше кога синот ми соопшти дека нема да се врати и ќе остане во Америка. Ќе препукнев, бидејќи знаев дека нема да се видиме со години. Но, од друга страна се прашував што ќе работи овде? Ме разоружа кога ми рече – не ме терај да се вратам и да работам за 200 евра месечно“, раскажува Валентина.

Овие млади штипјани останаа во САД без регулиран статус. Доколку бидат пронајдени од емиграциските власти, ризикуваат веднаш да бидат депортирани дома, без разлика на тоа што имаат или како се снашле во Америка. Имаат социјален број, кој го добиваат со визата и тоа до некаде им дава можност да работат и престојуваат со статус на полуилегала. Но, не можат секаде да најдат работа или стан, бидејќи има компании и станоиздавачи кои не сакаат да ризикуваат.  Од група на четири девојки кои заминале во САД пред пет години, според семејството Арсови, се вратила само една девојка. Покрај нивната ќерка, која останала да работи во пицерија заедно со другарката, две сестри близначки, подоцна успеале да го легализираат својот престојот преку лажни бракови. Им платиле на американски државјани да се оженат со нив за да ги обезбедат потребните документи за престој, а потоа и регуларните визи.

Се запишуваат на факултет за да мигрираат

Годишно во Македонија, според Државниот завод за статистика, студираат  над 55.000 студенти на државните и приватните факултети. Речиси една третина од нив, според агенциите кои посредуваат, заминуваат преку лето на работа во некоја од странските држави. Добиваат работа главно во угостителството и туризмот, работат на брод, по хотели, во рестораните за брза храна. Германија е традиционална земја за работа преку лето за студентите. Од пред две три години атрактивна е Кипар, каде според кажувањето на студентите, еднаш се заминува преку агенција, а потоа сами се снаоѓаат преку контактите со сопствениците кај кои веќе работеле. Во Кипар има солидна македонска колонија од млади луѓе, кои во меѓувреме успеале да извадат бугарски пасош и да останат да работат во текот на целата година, но тоа веќе е начин на снаоѓање.

Деновиве заминуваат неколку илјади студенти во САД и помалку во Канада со посредство на десетина поголеми агенции кои работат на програмата за култура размена на студенти Work and Travel. Тоа е една од најпопуларните вакви програми и секоја година во САД заминуваат по околу 100.000 млади луѓе од целиот свет. Имаат можност да работат три месеци и еден месец да прошетаат низ САД.  Услов е  да се редовни студенти, да не се постари од 28 години и да го познаваат англискиот јазик. Помала или никаква шанса за виза имаат апсолвентите, бидејќи се на крај од студии, а со тоа шансите да не се вратат се многу поголеми, велат од агенциите. Само од агенцијата Коузон годишно заминуваат меѓу 800 и 1.000 студенти.

Сосема мал дел остануваат дополнително на студии при што следи трансформација на визи. Во САД уписите на факултет се четири пати годишно. Остануваат и со нерегулиран статус. Имаат социјален број што е основа да можат да работат, но не е лесно да се снајдат. Што се одеснува до тоа во која година од студии одлучуваат да останат, нема правила, вели Зоран Кочовски од Коузон.

Агенциите точно знаат колку студенти остануваат и колку се враќаат. Од тие за кои Коузон лани посредувал, останале седум отсто. Имало година кога останувале  и 12 отсто. Агенциите имаат обврска кон Амбасадата на САД во Македонија да им испратат извештаи по изминувањето на периодот од 25 дена од завршувањето на програмата. Следат контакти на агенциите со секој од студентите. Некогаш тоа се телефонски контакти, а некогаш со тие што останале помага и Фејсбук. Меѓутоа, на крај од анкетите, се знае точната бројка на тие што останале. Оваа бројка, како и сите  податоци околу тоа, ги има во Амбасадата, но не и во нашите институции. Во МВР се бележи заминувањето, но речиси никој не пријавува подолго отсуство.

Во 2014 и 2015 година во САД студирале 974.926 студенти. Од нив само 237 се македонски државјани или 0,004 отсто. Оваа мала бројка на македонски студенти  зборува за тоа дека најголемиот дел од младите кои заминуваат на американскиот континент не одат да студираат, туку да работат.

Во Амбасадата на САД, каде се издаваат визите за престој се  свесни за миграцијата во Македонија и во регионот. Во интервјуто за Канал 77, советникот за односи за јавност, Валери Колби рече дека во сите нивни активности, бараат од учесниците во програмата да се вратат назад  во Македонија.

– За нас е најважен личниот  бенефит за секој поединец што го добива со престојот во САД и бенифитот за Македонија со неговото враќање. За нас е особено важно учесниците да се вратат во Македонија и да придонесат со искуството што го стекнале. Не само во програмите за  размена, туку и во сите други програми луѓето ја користат можноста да останат подолго од законски дозволеното  и очигледно произлегуваат одредени проблеми со изборите што ги прават, изјави Колби.

Форумите – место за совети и размена на искуства

Во информативните брошури на агенциите за посредување стои дека студентите со програмата стекнуваат право на времено вработени лица, но без очекување дека во САД ќе важат истите правила како и во Македонија. Се работи во сите смени, а некаде се работи само во ноќна смена, со минимум 32 и максимум 40 часови неделно. Најмалку што можат да заработотат, најавуваат од агенциите се 3.80 долари за час плус бакшиш, а максимумот на заработувачка се движи до 12 долари за час. Работниот дел трае 3-4 месеци, а потоа останува период за патување низ Америка, според термините што ги определува програмата.

Тоа е официјалниот дел. Неофицијалниот дел, полн со искуства, го има по специјализираните интернет форуми. Во еден од нив, тој на Кајгана, се разменуваат искуства, меѓу нив и на оние кои одлучиле да останат.

„Тие што остануваат возат шлепери за 1500 долари неделно. Одлична плата. На какви бенефиции мислиш? Ако издржиш 5 години без да направиш инцидент ќе добиеш емигрантски статус“, пишува корисник на форумот.

Други разменуваат искуство за работниот ангажман и плаќањето како илегалец:

„Зависи што сакаш од Америка. Дали пари или забава. Пари не се праат многу, ама не е ни лошо. Ако имаш среќа ќе изгураш и до 8000 бруто. Не е многу секако. 50-60 сати неделно. Тешко е за втора работа, бидејќи работиш да речиме од 10 сабајле до 8 вечер. Можеш трета смена ама ќе цркнеш. Забави секоја вечер додека можиш да издржиш. Позитивни работи: Ќе живееш или у поголем град или блиску до поголем град, најверојатно ќе имаш кола, ќе имаш стан најдено од компанијата и ќе живееш со 4-5 цимери или јаки цимерки. За работата, лесна е. Дремеш цел ден, ако си посеверно времето е лошо а кога е лошо седиш само на работа на нет или читаш книга, а платено ти е. Ќе треба да го чистиш базенот, да пазиш со хлорот и ПХ вредноста на водата нон-стоп, и имаш пауза од 15 минути на секој саат. Е сега има тренинзи за лиценцата, CPR, pathogens and lifegarding. Треба да си физички спремен солидно и англискиот да ти е добар“, советува еден корисник на форумот.

На прашањето за снаоѓањето како илегалци има и вакви примери:

„Јас знам човек што остана 6 години на црно, работеше во Чикаго и заработи добра паричка (братучед ми е инаку). Зема жена Русинка и си се врати во Македонија. Друг знам што е уште подолго таму.

Кога веќе ќе останеш на црно имаш многу малку опции.

1. Ќе се обидеш на било каков начин да си го регулираш статусот, работна, студентска виза, ма било каква, макар и да се ожениш/омажиш.

2. Ќе работиш додека не собереш доволно пари за нешто пристојно во МК (и ова е релативна работа, за некого пристојно е $20.000 а за некого $50.000) и ќе си се вратиш во МК кажувајќи и бај бај бај Америка.

3. Или ќе заглавиш ако си крајно неснаодлив. Ама оваа третава опција ретко им се случува на Македонците.“ (извор: Кајгана форум)

Бројот на заминати – црна дупка

На универзитетите не располагаат со бројки колку студенти останале во некоја од странските земји, бидејќи како што ни одговорија, тоа не се нивни програми. На сите државни универзитети имаат забележано осипување на студенти, но немаат податок дали е тоа поради брак, мајчинство, иселување или некоја друга причина.

brucosi-apsolventiИлустративни се вкупните бројки на студенти во Македонија. Ако во учебната 2011/2012 година на сите факултети се запишале 15.404  студенти, четири години подоцна, во учебната 2014/2015 година има само 4.566 апсолвенти. (според Државен завод за статистика). Или ако во учебната 2013/2014 година се запишале 17.296 студенти, веќе следната учебна година во втора година студирале 11.974 студенти, што покажува дека недостасуваат близу 6.000 студенти на универзитетите. Претпоставка е дека некои квадрирале, некои се презапишале, но веројатно некои и заминале од државата. Колку точно, никој не знае.

Министерството за внатрешни работи има податок дека во 2015 година се иселиле 78.000 лица, но по која основа се иселени и која структура на луѓе припаѓаат, во јавноста не е соопштено. Во недостиг од попрецизни податоци, миграцијата на студентите останува да лебди низ кажувањата на нивните блиски и примерите на врсниците.

Се чини единствени заинтересирани за миграцијата на студентите се невладините организации. Во Министерството за образование, исто како и на универзитетите, немаат податоци за младинската миграција. Во МОН имаат бројки на слободни  и пополнети места, број на студенти по студиски години, но не и за младинската миграција. На интернет страницата на министерството повеќе не може да се најде ни стратегијата за привлекување на вискообразовани кадри, која во времето на министерот се најавуваше како основа за сериозна програма за враќање на „мозоците“.

Според Националниот совет за млади, младинската миграција во светот се движи околу 10 отсто, додека во Македонија во 2012 година мигрирале 16 отсто од младите. Покрај општиот тренд на глобализација, неодамнешното истражување на Институтот  „Прогрес“ покажало дека една од причините за заминувањето на младите од Македонија е недоволното вреднување.

– Не се чувствуваат вреднувани во општеството, односно, не чувствуваат дека нивниот глас и нивните потреби се слушнати. Што значи дека еден млад човек кој бил успешен студент, кога ќе заврши со своето образование, чувствува дека неговите вештини, знаења,  умешности не се доволно вреднувани, туку треба да има нешто дополнително, кое што ќе го етаблира во општеството. Во денешниот говор, за жал, тоа е партиската книшка и младите сè повеќе упатуваат на тоа дека не се подготвени да прават компромиси со нивните знаења, вештини, квалитети со тоа дополнително барање што ним им се поставува, вели Калинка Габер од „Прогрес“.

Дополнителен одговор зошто младите заминуваат е процентот од 54 отсто невработени млади луѓе. Меѓутоа, според искуството на еден од првите Македонци, кој заминал во Америка преку програмата Work and Тravel, тетовецот Жарко Синадиновски, причината за останувањето на студентите не се главно парите, туку квалитетот на живот. Синадиновски веќе петнаесет години е во САД, близу Њујорк има свој бизнис, но останал не поради тоа што сакал, туку бил принуден. Во моментот кога требало да се врати од четиримесечната програма избил конфликтот во 2001–та, по што го продолжил престојот.

– Се движам по места каде се собираат Македонци и прилично добро ја знам состојбата. Новите генерации кои доаѓаат запознаваат нов свет, нова култура и квалитет на живот. Основа за останување на овие нови генерации не се повеќе парите, туку остануваат поради подобар квалитет на живот, вели Синадиновски.

Фондацијата Фридрих Еберт во истражувањето за младинските трендови нагласува дека закана за регионот на Југоисточна Европа е растечката загуба на човечки капитал. Младите, според ова истражување, рекле дека сакаат перспектива и подобар животен стандард, што го немаат во своите земји.

Каде ќе ги однесе таа „добра перспектива“ младите од нашата приказна? Арсови од Штип се надеваат на враќање на ќерката. Пред еден месец виртуелно го запознаа идниот зет, скопјанец,  кој преку Скајп ја побара раката на нивната ќерка. Со сватовите се виделе во живо, откако си размениле посети со виски во рака – американско, се разбира. Зетот посакува да се врати и да живее во Скопје, но не и ќерката. Таа и натаму би останала во САД, без разлика на тоа што и двајцата се „илегалци“  во земја која им дала нов живот. Како и на илјадници млади македонски државјани, кои веќе почнале свои кариери во Америка.

*****

Прилогот е изработен во рамки на Проектот „Демографија – квалитет на живеење“ на НВО Инфоцентарот, Македонскиот центар за европско образование, Осми септември и Центарот за развој на медиуми, со поддршка од Проектот на УСАИД за граѓанско општество, кој го спроведува Фондацијата Отворено општество -Македонија.

Содржината на прилогот е одговорност на авторот и не ги изразува ставовите на УСАИД или на Владата на Соединетите Американски Држави.