Отсега и музичките изданија наменети само за стримање можат да бидат номинирани за Греми

Изданијата наменети само за сервисите за стримање музика, како миксови и плејлисти, отсега ќе можат да бидат наградени со Греми награда.

„Правилата за подобност беа ревидирани да вклучуваат и албуми објавени преку платформи за стримање“, најави Академијата за снимање, уметност и наука (NARAS). Освен оваа промена, има уште неколку амандмани во однос на критериумите за подобност, пренесува NME.

„Греми наградите не се само наградувани од колеги за колеги, туку и поттикнати на тој начин. Низ годината, членови на музичката заедница бараат од нас да направиме промени во процесот на наградување, и работиме со нив да најдеме начин како овие промени би можеле да функционираат“, објаснил Бил Рејмут, заменик претседател за награди на Академијата.

Греми наградите во 2017 ќе ја наградат најдобрата музика издадена во периодот меѓу 1 октомври 2015 и 30 септември 2016. Номинациите ќе бидат откриени на 6 декември годинава, а добитниците ќе бидат прогласени на церемонија на 12 февруари 2017.