Невладини реагираат: Политичка злоупотреба, наместо медицинска употреба на канабисот

Не стивнуваат реакциите откако пред два дена на полиците од аптеките се најде масло од канабис. Невладини бараат да престане фаворизирањето на финансиски моќни компании кои го контролираат пазарот со лекови. Од Коалицијата за сексуални и здравствени права сметаат дека постои сомнеж да се создаде монопол, со оглед на тоа дека во моментов единствено фармацевтската компанија „Реплек“ произведува масло од канабис, и тоа со увезени суровини, наместо да се поттикне домашното производство на канабисот.

Според Жарко Трајаноски од Коалицијата, моменталните услови се толку строги за да се обесхрабрат производителите.

„Немаме ниту еден производител на канабис од Македонија, а имаме производител од Македонија кој увезува суровини и ги преработува. Од она што ние го имаме како информации, во Македонија расте канабис кој не содржи големо количество на ТХЦ, а којшто содржи ЦБД и е погоден за вакво масло какво што се појави. Сегашниот режим и она што го бара за да се одгледува канабис, на некој начин не овозможи некој да произведе и да добие лиценца за одгледување на канабис“, вели Трајкоски.

Тој вели дека она што сега го има во аптеките, не е во согласност со тоа што го пишува во законот, односно, препаратот кој сега го има во аптеките содржи ЦБД, но едвај има ТХЦ. Според законот, пак, маслото од канабис е екстракт кој има висока содржина на ЦБД, а особено на ТХЦ. Според Коалицијата, се создава лажна слика дека маслото од каанбис кое сега може да се купи во аптеките, без рецепт, е лек.

„Ова прашање беше третирано за време на предизборна кампања, беа давани политички ветувања, не беа земени предвид сите сугестии на невладините организации. Овие дебати беа водени со политички контекст и ова прашање, на некој начин, беше политички злоупотребено, иако е прашање кое ги засега луѓето. Сметаме дека тоа треба да престане и да се слушнат барањата на луѓето кои ги засега медицинската употреба на канабисот“, подвлече Трајаноски.

Според невладините кои се дел од Коалицијата, остануваат уште многу прашања кои не се одговорени, но остануваат на своите барања, на кои укажуваа уште пред да се изгласа законот. Едно од барањата е да се донесе посебен закон, кој ќе го олесни пристапот до евтини лекови, можност за сопствено одгледување за оние пациенти што не се во состојба да ги купуваат препаратите, да биде достапен во различни форми, да не се ограничува препишувањето на лековите од канабис, да се измени дефиницијата за масло од канабис и да се тргнат драконските казни за личната употреба.