Јавна дебата со кандидатите за ректор на УКИМ

Поради потребата од транспарентно избирање на новиот ректор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Професорски пленум во вторник (7 јуни) ќе организира јавна дебата со кандидатите. Дебатата ќе се одржи во 18 часот, на Факултетот за земјоделски науки и храна.

На неа се очекува кандидатите за ректор да ги изнесат основните елементи на своите програми и да се произнесат за клучни прашања поврзани со високото образование, науката и творештвото, како и за општествениот амбиент во кој тие се остваруваат. Исклучително важен сегмент на овој настан ќе биде можноста присутните членови на академската заедница да поставуваат прашања и во директна комуникација со кандидатите да дебатираат за нивните изнесени ставови.

Целта на ваквата дебата е аргументирањето на различните програми и концепти за развој на универзитетот и високото образование како и културата на дијалог да станат клучни сегменти во процесот на избор на ректор. Професорскиот пленум најави дека ќе поддржи слични иницијативи и за другите универзитети во Република Македонија, како придонес кон отвореноста на процесите за избор и нивната втемеленост во принципиелен натпревар помеѓу различни вредности и визии.

Изборот на ректор на најголемиот јавен универзитет во Република Македонија, Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, влегува во завршна фаза. На листата на кандидати за нов ректор се најдоа имињата на Атанас Кочов, кој е актуелен декан и професор на Машинскиот факултет, Ненад Новковски, редовен професор на Природно математичкиот факултет на УКИМ на Институтот за физика, Александар Димитров, професор на Технолошко металуршкиот факултет на Институтот за Екстрактивна Металургија и поранешен декан на овој факултет.

Во изборот за нов декан учествуваат и Никола Јанкуловски, професор по предметот Хирургија на Медицинскиот факултет и негов актуелен декан, Коле Василевски, актуелен проректор за финансии, инвестиции и развој на УКИМ, а предава и на Шумарскиот факултет во Скопје и Елена Думова Јовановска, редовен професор на Градежниот факултет на Катедрата по Теорија на конструкции, која претходно беше и проректор за настава на УКИМ.