Почнува 18. издание на Биенале на македонската архитектура

Во Музејот на Град Скопје, вечерва со почеток во 20 часот, свечено ќе биде отворено 18. издание на Биенале на македонската архитектура – БИМАС, во организација на Асоцијацијата на архитекти на Македонија. Настанот ќе трае од 17 до 31 мај, а тема е „Рециклираната архитектура“.

Во рамки на Биеналето, покрај традиционалната изложба од македонската архитектонска продукција и изложбата на студентите по архитектура, ќе се одржат и бројни предавања, изложби, презентации и промоции на поканети еминентни домашни и странски архитекти. Селекторот Александар Радевски најави дека се одбрани 86 трудови распределени во пет категории.

Претседателката на Асоцијацијата Сања Раѓеновиќ Јовановиќ жали за зградите кои секојдневно стојат вкопани и полумртви на своите места, како и за заборавените празни простори.

„Како архитекти имаме обврска да укажеме на недостаток на интерес за напуштените објекти, занемарување и неодржување на објекти значајни за архитектонското творештво, негрижа за културното наследство и згора на се рефасадирање на значајни архитектонски дела. Тешко е да се влијае на тоа, но имаме одговорност да најдеме начин, а и да допреме до колективната свест.Повеќе од јасно е дека постои недостаток на интерес за зачувување, обнова, а уште повеќе недостаток на интерес за пренаменување, вдахнување нов живот и концепт на објектот“, вели таа.

Претседателот на БИМАС 2016 д-р Бојан Каранаков, вели дека поимот за рециклирање и зошто токму оваа тема е избрана оваа година.

„Поимот рециклирање во овој контекст се однесува на потребата да се понудат нови одговори на урбаните елементи и програми кои во денешни услови сезастарени и надминати. Ова тема е рефлексија на длабока дебата помеѓу желбата за зачувување и потребата за интервенција и промени во нашето опкружување и следствено на тоа грижата за соодветните методи за дејствување“, смета Каранаков.

Во продолжение, целата програма на Биеналето: