„Револуција на розовите пижами“, самостојната изложба на Маја Кировска

„Револуција на розовите пижами“, самостојната изложба на Маја Кировска ќе се отвори утре (10 мај) во Флукс Галерија.

Изложбата се организира по повод наградата која Флукс Галерија и ја додели на Кировска на минатогодишното издание на Саемот за современа уметност Паратисима ­­­– Скопје. Изложбата е дел од уметничкиот проект кој Кировска го започна минатата година, во сооработка со уметникот Ницан Хамерман од Израел. Реализацијата на проектот ќе се одвива во 3 етапи, првата во Македонија, втората во Израел, а потоа на неколку локации во странство. 

Идејата за изложбата, појаснува уметницата, настанала за време на нејзиниот престој на Малта, на уметнички камп организиран од УНЕСКО со тема предизвиците кои пред земјите од Медитеранот и Европа ги поставува интернационалната миграција.

„Многумина сметаат дека уметноста нема поголемо општествено влијание и способност да направи поголеми промени како политичките движења, но сепак, иманентно својсвто на уметноста е слободата да прави обиди, експерименти, да провоцира, да биде смешна, лажна или да биде игра. Од оваа слобода, специфичното поле и принципи на функционирање, произлегува и нејзината моќ на делување.

Заклучивме дека е потребна ненасилна активност која би ја прифатиле поголемиот број луѓе и би се ширела од еден до друг крај на светот за да се предизвика драстична промена. Испитавме различни можности која би можела да биде таа активност: да се престане да се јаде месо, да се повторува зборот мир, да се размислува за мир во светот… но, да ја избегнеме замката на логиката во која падна Банкарот анархист, кој и покрај своите анархистички убедувања одлучи да стане банкар, зошто тоа да не биде носење на розови пижами.

Јас носам розови пижами. Сами по себе се смешни, но симпатични. Розовите пижами се предмет кој нема политичка, национална или верска конотација, па веројатноста идејата да наиде на свои непријатели е мала, тоа е еден вид на гаранција дека нема да се јават пречки во процесот на ширење на акцијата. Да носиш пижами значи пред сè дека живееш во нормални услови и имаш удобно место за спиење – кревет, па згора на тоа и розови. На шега реков дека кога сите луѓе би носеле розови пижами, тогаш светот можеби би бил поубаво место. Така настана идејата за Револуцијата на розовите пижами“, вели Кировска.

 

 

Уметницата појаснува дека ова е своевиден експеримент во кој ќе се спроведе Револуцијата на розовите пижами како дадаистичка игра, апсурдна и смешна, но истовремено акција која провоцира размислување за важни прашања.

Таа е повик до сите сонувачи и креативни умови да ги вклучат до максимум своите способности“, додава Кировска.