„Кападокија отсликувања“ на Симон Калајџиев во Јавна соба

Изложбата „Кападокија отсликувања“ на академскиот сликар Симон Калајџиев синоќа беше свечено отворена во Јавна соба.

Цртежите изработени за време на неговиот престој во Кападокија се стилизирани пејзажи со акцент на уникатни одлики од тој предел. Делата се изработени на хартија во повеќе различни техники; акварел, акрил, темпера, восочни бои и сув пастел.

Авторот црпи инспирација за своето творештво од патувањата. Посебна страст се манифестира во творештвото кое е инспирирано од источните култури.

„Кападокија е предел со неверојатен релјеф и со уникатно историско и културно наследство. Додека се шетав се чувствував како да гледам дисекција на историјата. Особено се инспирирав од стилизираните цртежи на ѕидовите во подземните цркви од иконоборниот период“, вели Калајџиев.

Симон Калајџиев е млад автор. Дипломира во 2009 на Факултетот за ликовни уметности во Скопје во класата на проф. Рубенс Корубин. Зад себе има пет самостојни изложби, а учествувал и на дванаесет групни претставувања во земјава и во странство. Омилена тема му е урбаниот пејзаж.

Изложбата „Кападокија отсликувања” е поставена во Јавна соба во период 6. – 25 мај, а влезот за сите посетители е слободен.