75 филмови за осум дена на „МакеДокс“, денеска мастерклас со Хуберт Зауфер во „Лабораториум“

Во четвртокот, 21 август, започна 16. издание на фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“ под мотото „Кому му е гајле за реалноста?“. Фестивалот трае осум дена, на пет различни локации, прикажува повеќе од 75 филмови, организира бројни дискусии со авторите по проекциите, два мастер класа, две изложби, пет дискусии, три денови со документарна индустрија.

„Живееме во време во кое вистината се менува побрзо отколку што можеме да ја сфатиме. Во време кога границата помеѓу фактите  и фикцијата станува сè потенка. Затоа потребата да гледаме на работите внимателно, креативно, критички и со грижа никогаш не била поголема“, рече Дарко Набаков, извршен директор на фестивалот.

Набаков и Сара Ферро изразија особена благодарност до две иницијативи што одлучија да берат гајле за сите нас, а не само за себе. Најпрвин, SupportKochani, за сè што направија за повредените од трагедијата во Кочани, и потсетија дека сметките за донација остануваат отворени. Втората благодарност ја упатија на луѓето од „Спас за Дошница“, кои, како што рекоа, неуморно се грижат за сите нас, за да живееме во здраво и природно опкружување.

На програмата на првата вечер беа краткиот документарен филм „Бардо“ на чешката авторка Вјера Чакањова и долгометражниот документарен филм „Само на земјата“ на Робин Петре. Во музичкиот сегмент „Ноќни приказни“, акустичен концерт одржа гитаристот Мухамед Ибрахими, додека полноќната музичка програма продолжи со диџеј-сет на Шурбе.

Претпладневните викенд-термини на „МакеДокс“, пак, се резервирани за двата мастеркласа, кои годинава се одржуваат во „Лабораториум“.

На првиот мастерклас, што се одржа вчера, беа претставени проектите „Солар синема“ и Патувачкото кино на „МакеДокс“, кои имаат сродна мисија во однос на прикажувањето филмови во неформални и амбиентални околности.

Проектот „Солар синема“ го претстави Морин Принс, режисерка, монтажерка и продукциска дизајнерка од Холандија. Кариерата почнала да ја гради снимајќи независни кратки филмови и усовршувајќи се во употребата на филмот како алатка за општествена промена и подигање на свеста. Водена од пасијата да го демократизира киното така што ќе ѝ овозможи пристап на секоја публика, во 2006 година го основа првото „Соларно кино“ во Холандија, подвижно кино кое во целост ја напојува својата опрема само со сончева енергија и така ги носи филмовите во културно најсиромашните области во светот.

„Филмовите се направени за да се гледаат“, истакна Морин Принс на мастеркласот во Скопје.

Така, во 2009 година ја основала фондацијата „Солар ворлд синема“ со цел да го рашири концептот во странство и да создаде бесплатно достапен дигитален сет алатки за да инспирира и други да основаат кино на сончева енергија. Денес во светот има 12 вакви кина кои ја формираат Мрежата на соларни кина, а со мрежата се опфатени држави како Холандија, Бразил, Перу, Непал, Чиле и други.

Патувачкото кино на „МакеДокс“ оваа година го реализираше своето 16. издание, посетувајќи го Кочани и приредувајќи проекции на документарни филмови на летната сцена пред Домот на културата. Во изминатите 16 години Патувачкото кино има посетено над 160 помали места низ целата држава, а во рамки на јубилејното 10. Патувачко кино имаше проекции на филмови и во соседна Албанија.

„Покрај проекциите на документарни филмови, идејата на Патувачкото кино е да оствари комуникација со локалното население и на тој начин да се случи размена на искуства со екипата на ‘МакеДокс’“, објасни Набаков.

Вториот мастерклас на 16. „МакеДокс“ ќе се одржи на 24 август, со почеток во 11 часот, во „Лабораториум“ со тематски наслов „Радикален минимализам во ’светската кинематографија‘“, а ќе го одржи Хуберт Зауфер.

Во последните три децении, режисерот, снимател и сценарист Хуберт Зауфер има создадено документарни филмови кои стекнаа светско признание и беа повеќекратно наградени на фестивали, како Венецискиот, „Берлинале“, „Санденс“, а филмот „Кошмарот на Дарвин“ беше номиниран за Оскар за најдобар документарец.

„Хуберт се обидува да го сведе чинот на создавање документарен филм на обично ‘ништо’: од крајот на 1990-тите години, во Конго и Танзанија, тој отфрли речиси сè што се смета за неопходно во филмската продукција – без стативи, без вештачко осветлување, дури и без звучен тим. Само минимум опрема: една мала, но висококвалитетна камера и еден одличен микрофон. И неопходното: долги периоди на пишување, размислување, истражување… Време за среќавање, запознавање и она најважното – ликовите. Правењето филм на ваков начин е како пишување поезија или роман, или како доживотно медитирање“, велат од „МакеДокс“.

„МакеДокс“ се одржува од 21 до 28 август со програма распоредена во Куршумли ан, Музеј на Македонија, Сули ан, МКЦ и „Лабораториум“ во Скопје. Целосната програма може да се пронајде на официјалната веб-страница на „МакеДокс“ (www.makedox.mk), а може да се симне и фестивалската апликација.

Целосната програма може да се пронајде на официјалната веб-страница на „МакеДокс“, а може да се симне и фестивалската апликација.

„МакеДокс“ од 21 до 28 август под мотото „Кому му е гајле за реалноста?“  

Фото: „МакеДокс“ фото тим