Дела од најразлични медиуми како сликарство, инсталација, фотографија и скултура изработени од македонски уметници во периодот од 70те и 80те, од овој петок па се’ до февруари ќе бидат изложени во Музејот на современата уметност во Скопје.
Куратор на поставката „70те и 80те во македонската ликовна уметност“ е Марика Бочварова Плавевска, а на изложбата ќе може да се погледнат дела од уметниците Петар Мазев, Ристо Калчевски, Симон Шемов, Душан Перчинков, Томо Шијак, Евгенија Демниевска, Благоја Маневски, Родољуб Анастасов, Славчо Соколовски, Станко Павлески, Глигор Стефанов, Петре Николоски и Симе Узуновски.
„Идејата на оваа изложба ги обработува проблемите на македонската ликовна сцена, како континуитет од 60-те години. Оваа изложба е дел од серијата проблемски изложби на Музејот на современата уметност (започнато во половината на 90-те години) и е фокусирана на уметниците кои ја создавале сцената во тие години и се многу важни за создавање на онаа нова сцена во 90-те години на минатиот век, бидејќи ја промовираа неочекуваната возбудлива и транспарентна ликовна сцена во Македонија, паралелите на двете децении, можен континуитет во ликовната сцена“, објаснуваат од Музејот.
Оттаму дополнуваат дека тоа е делот кој има за цел да ја потсети јавноста на преобразбите што беа подготвени да ги почувствуваат и доживеат овие децении, посебно во чинот на обединување на сето она што егзистира во сликарството, скулптурата, графиката, фотографијата е поврзано со барањето да се ревалоризираат изминатите искуства за да се допре до самите протагонисти во новите појави.
Поставката ќе се одвива според протоколите пропишани за организација на јавни настани во услови на пандемија.