Министерството за здравство (МЗ) денеска информираше дека се потврдени 62 нови случаи на Ковид-19, односно, регистрирани се 24 случаи во Скопје, 14 во Штип, 12 во Тетово, четири случаи во Струга, три во Гостивар, два случаи во Куманово и по еден случај во Велес, Кочани и Валандово.
Од регистрираните 24 случаи во Скопје, по општини, регистрирани се 11 случаи во Чаир, шест во Бутел, по два случаи во Карпош, Аеродром и Сарај и еден случај во Гази Баба.
Од министерството информираат дека Институтот за јавно здравје регистрирал 17 оздравени пациенти, а оттаму додаваат и дека од Ковид-19 починале две лица.
„Во ГОБ „8 септември“ почина пациент од Струга (60г.) примен во болницата на 22 мај. Евидентиран е пациент од Гостивар (64г.) примен и починат во болницата во Гостивар на 29 мај, за кој тестот покажа позитивен резултат“, се вели во соопштението на МЗ.
Во последните 24 часа направени се 771 тестирања. Од вкупниот број направени тестови во изминатото деноноќие 221 теста се во рамките на скринингот во градинки и геронтолошки установи и не е регистриран позитивен случај.
„Вкупната бројка на ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 2226, бројката на оздравени пациенти е 1552, на починати е 133, а во моментов бројот на активни случаи во земјата изнесува 541“, додаваат од МЗ.
На Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во изминативе 24 часа се примени пет пациенти, а хоспитализирани се вкупно 44 пациенти. Од нив, потешко болни и на кислородна поддршка се 19 пациенти, а еден пациент е на механичка вентилација.
Во болницата „8-ми Септември“ примени се шест лица, а моментално таму се хоспитализирани вкупно 35 пациенти. На респираторна машина се шест, a со потешка клиничка слика се уште 10 пациенти.
„Во болницата во Битола се хоспитализирани 2 пациенти, а на домашно лекување се следи уште 1 пациент. Во болницата во Штип се хоспитализирани 15, а на домашно лекување се следат 11 пациенти. На инфективните одделенија во Охрид, Велес, Куманово и Прилеп се хоспитализирани 28 пациенти – позитивни и сомнителни на ковид-19“, информираат од МЗ.
Досега во земјаva се направени вкупно 29.575 тестирања на Ковид-19.