Утрово пристигнаа 200.000 дози од вакцините против Ковид-19 на компанијата Синофарм, со кои ќе започне масовната имунизација на населението во Северна Македонија, соопштија од Министерството за здравство.
Министерот за здравство, Венко Филипче, посочи дека поопсежната вакцинација треба да започне од вторник, откако ќе бидат дистрибуирани предвидените дози до сите пунктови каде што ќе се спроведува имунизацијата. Тој информираше дека вакцините ќе бидат сместени во ладната соба во Поликлиниката Јане Сандански, а ќе се дистрибуираат согласно закажаните термини за имунизација, односно врз основа на заинтересираноста која граѓаните ќе ја искажат најпрво преку веб страната vakcinacija.mk, но и преку матичните лекари.
„Станува збор за количина од 200.000 вакцини коишто службите ќе ги одработат соодветно во делот на проверка на ладниот ланец. Тие ќе се сместат во ладната соба којашто беше поставена благодарение на Фондацијата “Direct Relief” и од тука во текот на следните денови, најкасно во понеделник ќе бидат дистрибуирани во сите вакцинални пунктови. Тоа се пунктовите за масовна вакцинација ширум државата и во Скопје, во салата Борис Трајковски и во другите 6 градови – во Куманово, Штип, Кавадарци, Тетово, Охрид и Битола и според распоредот на веќе пријавени граѓани ќе биде и распределена и бројката на вакцини. Процесот на вакцинација со кинеските вакцини ќе започне веќе во вторник“, изјави Филипче.
Министерот изјави и увереност дека до почетокот на летото ќе има висок процент на население коешто ќе биде вакцинирано, а во текот на овој месец се очекува земјава да добие и дополнителни поголеми количини на вакцини, со што ќе има уште поголем опсег при имунизацијата.
Според вебсајтот на Министерството за здравство – kovid19vakcinacija.mk досега во Северна Македонија се вакцинирани 55.926 лица, а нешто преку 207 илјади граѓани се заинтересирани за да добијат вакцина против Ковид-19.