Една милијарда луѓе имаат ментално нарушување – светот го одбележува Денот на менталното здравје

Под слоганот „Ментално здравје за сите – да го направиме ова реалност“, денеска се одбележува 10-ти октомври – Светскиот ден на менталното здравје.

Годинава овој ден доаѓа 18 месеци по почетокот на пандемијата со Ковид-19. Во некои држави животот полека се враќа во некоја нормала, додека во другите бројките на новозаразени и хоспитализирани и понатаму остануваат високи, што ги пореметува животите на семејствата и заедниците. Сепак, во сите овие земји пандемијата имаше огромно влијание врз менталното здравје на луѓето.

Некои групи, меѓу кои здравствените работници и вработените во итните служби, студентите, луѓето кои живеат сами, или оние со претходни ментални нарушувања се особено погодени. Истовремено, истражувањето на Светската здравствена организација (СЗО), спроведено минатата година, покажа дека услугите за менталните или невролошките нарушувања и сервисите за зависници биле драстично нарушени за време на пандемијата.

Сепак од Организацијата велат дека има простор за оптимизам. За време на Светскиот здравствен совет во мај оваа година владите низ светот признаа дека е потребно подобрување на квалитетот на услугите за ментално здравје на сите нивоа и го поддржаа Сеопфатниот акциски план за ментално здравје на СЗО за периодот 2013-2030 година.

„Време е да ја капитализираме обновената енергија меѓу лидерите од владите за да ја направиме квалитетната заштита на менталното здравје реалност. Светскиот ден на менталното здравје претставува можност за властите, граѓанското општество и другите страни да зборуваат за чекорите кои ги преземаат и кои планираат да ги преземат за исполнување на оваа цел“, стои во сооптението на СЗО.

Дел од фактите кои ги сподели СЗО во врска со менталното здравје се дека скоро една милијарда луѓе во светот имаат ментално нарушување и дека секој, насекаде може да се соочи со ваков проблем. Секое седмо лице на возраст од 10 до 19 години доживува некакво ментално нарушување, а половина од овие ментални нарушувања започнуваат на возраст од 14 години и најголем дел од нив остануваат непрепознаени и не се третирани.

Според СЗО релативно мал број луѓе низ светот имаат пристап до квалитетни услуги за менталното здравје, а сериозниот јаз во здравствената заштита на менталното здравје е резултат на континуираните ниски инвестиции во промоцијата, превенцијата и заштитата на менталното здравје. Просечно државите одвојуваат само по 2% од нивните буџети за здравство на менталното здравје, а стигмата, дискриминацијата и нарушување на човековите права на луѓе со ментални нарушувања останува широко распространета.

Загубата во продуктивноста поради депресија или анксиозност, кои се двете најчести ментални нарушувања, ја чинат глобалната економија 1 билион долари годишно, проценува организацијата.

Сепак од СЗО велат дека има и добри вести. Некои од најчестите ментални нарушувања, како депресијата и анксиозноста можат да бидат лекувани со терапија, медикаменти или комбинација на двете. Дополнително општите здравствени работници можат да бидат обучени да дијагностицираат и да третираат ментални нарушувања, а квалитетот на животот на луѓето кои живеат со аутизам или деменција може значително да се подобри доколку со соодветна обука на оние кои им пружаат здравствена нега.

Повеќе детали и податоци можете да најдете на следниов ЛИНК.