Предлог-Буџетот на РМ за 2018 го немаме видено, иако за максимално седум работни дена треба да се усвои на Владина седница, за потоа да влезе во Собрание на разгледување и усвојување. Она што вчера се презентирало во Министерството за финансии се кратки точки издвоени како најважни. Како Коалиција за чист воздух прво што баравме низ главните точки беше животната средина, загадувањето, соопштуваат од О2 Коалиција за чист воздух.
Од таму прашуваат дали се зголемени средствата, согласно кампањите и заложбите на оваа Влада да се фати во костец со овој децениски тежок проблем кој, велат активистите, зема голем број на животи од година в година?
„Во презентацијата најдовме дека екологијата фигурира заедно со градежништвото, транспортот и комуникацијата со 5% од вкупните расходи. Екологија во иста категорија со градежништво? Транспорт? Приоритетот не ѝ е доволно голем да биде ставена во засебна категорија? Туку како отпадок ставена заедно со несродни области“, реагираат од Коалицијата.
Понатаму, велат тие, се гледаат зголемени приходи во однос на 2017, главно поради зголемување на акцизата на нафта, што се очекува да донесе околу 26 милиони евра и уште додатни 5,6 милиони евра од ДДВ.
„Во ефектите од ова зголемување е наведено усогласувањето со ЕУ стандарди и регулативите и заштита на животната средина – намалување на загадувањето. Министерот за финансии Тевдовски вчера изјави ‘зголемување на акцизата на нафта за 3 денари. Зошто? Во моментов препораките на ЕУ се акцизата на нафта да изнесува 0.33 евроценти, во Македонија изнесува 0.20 евроценти. Значи тие препорачуваат, една од главните причини е заради заштита на животната средина, намалување на загадувањето’.
Ова е единственото место каде животната средина е спомната во целата презентација на предлог-Буџетот за 2018 година“, велат од Коалицијата.

Презентираниот Предлог-Буџет на Република Македонија за 2018 година
Активистите потенцираат дека животната средина, намалувањето на загадувањето, согласно ЕУ стандардите ги нема никаде како приоритети, како област каде финансиите се особено зголемени, како тие за одбрана на пример, согласно НАТО стандардите.
„Иронично, покрај 26 и 5,6 милиони евра од очекуваниот приход од зголемувањето на акцизата на нафта, која е направена поради препораките на ЕУ за заштита на животната средина, намалување на загадувањето. За каква одбрана зборуваме, кого ќе браниме, кога годишно ни умираат околу 3360 луѓе самот поради загадувањето на воздухот (ЕЕА, 2013)? Нема соодветни средства за намалување на загадувањето, а со тоа и спасување на животите, кога државата тие ја чинат 4,7 милијарди долари годишно (WHO, 2010)!?“, реагираат од Коалиција.
Во најмала рака, велат тие, ова е разочарувачки. Според активистите со сигурност „крајно неодговорно и неконзистентно ви за ви ветувањата за справување со ужасниот проблем на севкупното хронично и алармантно загадување во Р. Македонија“.
„Бараме најитно објавување на уделот на расходите за заштита на животната средина како посебна категорија, покачување на истите согласно ЕУ стандардите и препораките, најмалку 2.5% од вкупниот буџет или ако ги земеме собраните даноци поврзани со животната средина, приближно 10 пати повеќе од минатата година“, реагираат активистите од 02 Коалиција за чист воздух.