„02 Иницијатива“: Кој ќе одговара за уништените дрвја во зелениот појас на „Партизанска“?

Кој ќе одговара за уништените дрвја во зелениот појас на „Партизанска“ (пред Рузвелтова)? Помина доволно време да се види резултатот од минатогодишното т.н. „кастрење“ со кое е уништен целиот дрворед од јапонски цреши, со преубави цветни крошни на пролет, реагираат од еко-организацијата „О2 Иницијатива“.

Од таму посочуваат дека ЈП „Паркови и зеленило“ е одговорно за одржување на ова зеленило.

„Бараме од директорот Сефи Шабани да утврди кој е одговорен за вакво уништување на дрвјата и лицето да биде санкционирано. Воедно, дрвјата треба да се заменат со нови, зошто овие се комплетно уништени“, забележуваат еко-активистите.

Инаку, според нив, вакво нестручно сечење на гранки и цели крошни има на многу места низ градов.

„Не може да сече секој што има пила, без никакво знаење за правилно кроење на крошните. Може да вработите и стручни лица кои ќе знаат вистински да се грижат за зеленилото во градов, а не само по партиска линија“, стои во реакцијата.

Фото: „02 Иницијатива“