ΚΑΛБΥΛΑ – заштитникот на трлото денес со промоција во „Ла Кања“ и потоа албум за „Стротројка“

По објавувањето на ланското дебитантско EP „Isla“, „Стотројка“ го претставува и првото долгосвиречко издание на ΚΑΛБΥΛΑ, насловено „Моин“.

Промоцијата е закажана за денес (четврток, 12 јуни) во 21 часот, во клубот „Ла Кања“ во Старата скопска чаршија.

Вечерта ќе ја заокружи електронскиот артист ΜΕΔΑΡСКИ со танцова електроника во живо.

„’Моин’ на ΚΑΛБΥΛΑ нурнува во племенски, ритуалистички и психоделични звучни пејзажи, нудејќи перспектива на темни, халуцинаторни ритми. Чувството е како да си растворен во шума – само да талкаш, да станеш едно со сè околу тебе, целосно понесен од резонанцата. Не треба ништо да правиш: едноставно можеш да патуваш низ неговата племенска атмосфера. Некои композиции содржат толку моќни шамански перкусии, што доведуваат до состојба на транс. Репетитивните тапани создаваат основа за приземјување, овозможувајќи ви слободно да течете, додека еволуирачките позадински звуци, отвораат перспективи кон непознати предели и универзум“, пишува Ирена Стеваноска како осврт кон албумот.

Впечатливиот омот на албумот прикажува уникатна карневалска маска, креирана од Филип Тренески, ученик во 7-мо одделение при основното училиште „Кирил и Методиј“ од село Канатларци, прилепско. Оваа маска е специјално изработена по повод традиционалниот Прилепски карневал за Прочка. Уметничкото дело е под менторство  од наставникот по ликовно образование Дарко Талески, а фотографијата е на Јелена Белиќ.

ΚΑΛБΥΛΑ е соло проект на Кристијан Новковски, попознат по работата како тапанар во бендовите „Светлост“, „The Local Blue“, „Строг Пост“, „Палиндром“ и многу други неформални музички формации.

Датум на ослободување на албумот 13 јули 2025. Музика и повеќе инфо на https://stotrojka.bandcamp.com/album/–5

Настанот е дел од серијалот „Нова пролет“, со кој „Канал 103“ одбележува 34 години постоење.