Заврши пријавувањето за субвенции за купување велосипед

Над 2.600 граѓани на главниот град до вчера поднеле барања до Градот Скопје за добивање субвенции за купување велосипед.

Градските власти информираат дека се исцрпени планираните средства за оваа намена од годинешниот буџет, така што од денес нема повеќе да бидат примани нови барања за субвенции.

„Комисијата активно ги разгледува пристигнатите барања, по редоследот на поднесувањето на барањата и изготвува решенија за исплата на средствата на граѓаните коишто ги поднеле“ соопштуваат од Град Скопје.

Јавниот повик за поднесување апликации од граѓаните траеше повеќе од еден месец, при што се потрошиле одвоените средства од годинешниов буџет во висина од 10 милиони денари.

Град Скопје ќе им надомести на граѓаните до 4.000 денари од трошоците за набавка на нов велосипед, односно до 50 отсто од вкупната цена на купеното превозно средство.