Закон за медиуми – вовед во цензура или ред во медиумската сфера?

Фото: Утрински

Фото: Утрински

По повеќе од една година криење, министерството за информатичко општество и администрација, вчера конечно ја  објави верзијата на предлог-законот за медиуми. На 104 страници, во детали е опишана иднината на македонските медиуми, по евентуалното донесување на овој закон. Предлогот нема поддршка од новинарите и главните медиумски организации во земјава, ЗНМ, МИМ, ССНМ и ЦРМ, кои решија да ја бојкотираат вчерашната дебата за овој закон, заради невклученоста на медиумската заедница во неговото составување.

Законот кој Владата го подготвуваше во најголема тајност и без консултација со новинарската фела, предвидува регулирање на правата и обврските на новинарите, уредниците и редакциите и сопствениците на медиумите, ги регулира радиодифузерите и издавањето на дозволи за радио и телевизиско емитување, работата на јавниот сервис – МРТ и многу други односи во медиумите.

Предвидува и формирање на Агенција за медиуми и аудиовизуелни медиумски услуги, која ќе има огромни овластувања и всушност ќе биде надлежен орган за сите работи кои се предмет на законот.

Главната дилема во јавноста е дали неговото усвојување ќе води кон цензура или кон средување на состојбите во медиумите? Доколку се погледне предлогот кој е достапен на веб страницата на ЗНМ, oна што веднаш паѓа во очи е членот 4 став 3 кој гласи:

„Слободата на медиумите може да биде ограничена само кога и доколку тоа е нужно  заради заштита на националната безбедност, територијалниот интегритет или јавниот ред и мир, спречување немири и казниви дела, заштита на здравјето или моралот, заштита на угледот или на правата на другите, спречување за откривање на доверливи информации или заради зачувување на авторитетот и независноста на судската власт“.

Кој ќе одлучува за тоа дали некои содржини на медиумите ги нарушуваат „здравјето и моралот“ или пак го нарушиле авторитетот на судската власт?

Професорот Здравко Савески за Радио МОФ, вели дека членот содржи одредени основи кои се типични за многу земји, но помеѓу нив се вметнати и одредени услови кои не се така типични и може да бидат злоупотребени.

„Заштита на здравјето на пример, не е некоја одредба која е страшна ја има и во други земји. Но заштита на моралот е веќе карактеризација која е доста проблематична. Особено е проблематична во македонски контекст и заштитата на угледот на судската власт, во ситуација кога судството е доста поткупливо, ова значи дека никој не смее да проблематизира било каква судска одлука, колку и таа да биде спорна. Цензурата е забранета и од тој аспект е проблематичен тој член – ако нечиј углед е загрозен тогаш тој може да поведе постапка за заштита на угледот. Не може државата без судска одлука да се вмешува во работењето на медиумот и ваквото ограничување ја нарушува слободата на медиумот“, смета Савески.

Izjava na profesorot Zdravko Saveski by Radio Mof on Mixcloud

Новина е и регулацијата на онлајн медиумите која се предлага со членот 54 насловен „Издавач на електронски публикации“, според кој сите електронски публикации ќе мора да се регистрираат во Агенцијата за медиуми и аудиовизуелни медиумски услуги и таа да им издаде потврда за регистрација.

„Агенцијата  ќе ја пропише содржината и формата на пријавата, потребната документација и потврдата за регистрација“, се вели во предлог законот.

Според министерот за информатичко општество и администрација, Иво Ивановски, законот се носи заради усогласување на законската рамка со прописите за заштита на конкуренцијата, заштитата на авторските и сродните права, електронските комуникации, законот за граѓанска одговорност и други правни прописи кои посредно или непосредно влијаат врз развојот на медиумите и слободата на изразување и информирање.

Здружението на новинарите на Македонија побара рокот за донесување на законот да биде продолжен за три до пет месеци, за медиумската заедница да може да го анализира законот, да ги поднесе сите свои забелешки до Владата и на крајот тие да бидат вградени во конечната верзија на законот.

Кристина Озимец