Второ издание на „ Награда за социјално претприемништво“ со голем број говорници

Наградата за социјално претприемништво по вторпат ќе се одржи во Македонија, во организација на „Млади инфо“. Овој пат со многу гости, кои ќе зборуваат за своето досегашно искуство како млади претприемачи. Натпреварот за наградата за социјално претприемништво ќе се одржи на 16 февруари 2016 година во „Јавна Соба“- Скопје со почеток во 12 часот.

Свои обраќања на настанот ќе имаат Марија Матовска, проект координаторка на Награда за социјално претприемништво – Македонија, Антоанета Иванова, претседателка на Младиинфо Интернационал, Јакоб Детеринг, директор на Наградата за социјално претприемништво – Европа и Викторија Јовановска, директорка на Секторот за управување со физички лица, Шпаркасе Банка Македонија.

Од 12:30 часот следува панел дискусија со победниците на наградата за социјално претприемништво од 2015 – Бојан Георгиевски од „Добра земја“, Ирина Јаневска од Coolinari.mk и Aлександар Димески ќе зборува за Концентрациона соларна електрана. Модераторка на дискусијата ќе биде Бистра Кумбароска од Импакт хаб Виена/Хаб Скопје.

„На Kick-Off настанот ќе имате прилика да добиете повеќе информации за Наградата за социјално претприемништво. Вкупниот фонд на наградите во Македонија е обезбеден од SPARKASSE BANK MAKEDONIJA и изнесува 6000 евра, патување во Виена за најдобрите тимови, менторство и инкубациски период и многу други можности“, стои во соопштението на „Млади инфо“.

Оваа награда веќе е присутна во 12 земји во Европа со поддршка на Фондацијата ЕРСТЕ и Impact Hub Vienna. Во Македонија, овој настан се организира во партнерство со SPARKASSE BANK MAKEDONIJA, Пакомак, JSP Skopje (ЈСП Скопје), Маратон, Конто Профит и Јавна Соба, а поддржано од Економски факултет Скопје, Универзитет Климент Охридски – Битола, Универзитет Гоце Делчев – Штип, International Vision University – Гостивар, Европски Универзитет – Република Македонија, Универзитет Американ Колеџ Скопје, Универзитет за информатички науки и технологии Св. апостол Павле- Охрид, Универзитетот на Југоисточна Европа, СВТ АЛУМНИ Скопје, Клуб Алпбах Македонија, Студентска организација Излез – Скопје, АЕГЕЕ – Скопје, БЕСТ – Скопје, ЕМСА Македонија, ИАЕСТЕ Македонија, ЕСТЕЕК Македонија, Младинскиот совет при Американската Амбасада во РМ, Codefest, НАПАГ, Фонд за иновации и технолошки развој, ЕМКИЦЕ, Групер и Пиксел.

Оние кои не можат во живо да го следат настанот, можат да го следат и на социјалните мрежи преку #StudentsInMK #SIA2016.