Втора средба во МОН – средношколските барања одат во Влада

На денешната владина седница ќе бидат разгледани барањата на Средношколскиот пленум. Ова е ветувањето што им го дале министерот за образование и наука Абдилаќим Адеми и заменик министерот Спиро Ристовски на претставниците на пленумот кои денеска беа повикани на втора средба во МОН.

Од Пленумот велат дека добиле најави од надлежните за одложување на полагањето на новиот концепт на државната матура, како и на електронското полагање. За утре е најавена повторна средба, но останува да се потврди терминот.

„Преговорите се во тек, одиме во позитивна насока ќе преговараме уште ни беше кажано дека ние ги изнесовме нашите барања и чекаме одговор од нивна страна, подетални иформации ќе известуваме во наредните денови“, изјави средношколецот Александар Милески по  средбата.

Бојкотот и кампувањето продолжуваат, додаваат од Пленумот, се додека не им биде потврдено дека ќе бидат прифатени нивните барања.

Педесетина средношколци синоќа преспаа во импровизираниот камп во паркот на новинарите, спроти МОН, револтирани од тоа што и покрај протестите, маршевите и четиринеделниот бојкот на наставата од страна на речиси 20 000 средношколци, надлежните ги игнорираа нивните барања.

Протестите на средношколците беа иницирани поради тоа што МОН ја воведе математиката беше задолжителен дел од државната матура и го воведе електронското полагање. Кратко по почетокот на протестите, надлежните се повлекоа од идејата за задолжителната математика и најавија дека мерката ќе важи само за гимназијалците од природно-математичкиот смер.

Барањата на пленумот пак беа пошироки, враќање на стариот концепт на државната матура, укинување на електронското полагање и ставање во мирување на екстерното тестирање.