Високи казни за наставниците кои бараат да се купува дополнителен наставен материјал

Високи казни за наставниците кои бараат да се купува  дополнителен наставен материјалВисоки парични казни ќе се изрекуваат за училиштата и одговорните лица кои од родителите бараст да купат дополнителни материјали за учениците и стручна литература, точно прецизирана од кои автори и издавачи, под изговор дека се неопходни во процесот на образование на децата. Како што денеска изјави министерот за образование и наука Спиро Ристовски, ваквите барања се неосновани и спротивни на законот.

„Глоба во износ од 3.000 до 5.000 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за прекршок на основното, односно средното училиште, ако дозволи продажба на стручна литература и детски списанија, додека глобата за одговорното лице за истиот прекршок е од 1.500 до 2.500 евра во денарска противвредност“, изјави Ристовски и побара родителите да пријават во Државниот просветен инспекторат доколку од нив се бара да купуваат дополнителна литература.

Казна од 10.000 до 15.000 евра ќе му се изрече за прекршок на основното, односно средното училиште, ако употреби учебници кои не се одобрени од Националната комисија за учебници, а глобата по овој основ за одговорното лице во правното лице е од 5.000 до 7.500 евра. Според министерот, одобрените и дистрибуирани учебници се сосема доволни за реализација на воспитно-образовниот процес на секој ученик.

Купувањето на дополнителни учебници, работни тетратки, прирачници или боенки се дозволени само за домашна употреба ако така одлучи родителот или старателот на ученикот, истакна Ристовски.

Изминатите неколку денови, информираше министерот, извршени се инспекциски надзори во 120 основни и средни училишта и досега утврдени се неправилности во основните училишта „Димо Хаџи Димов“ и „Јохан Хајнрих-Песталоци“ во Скопје, каде директорите се задолжени да поведат дисциплинска постапка против 13 наставници, во одделенска и предметна настава, бидејќи усно и писмено ги задолжиле учениците да набават работни тетратки и помагала.

Одговарајќи на новинарско прашање министерот Ристовски рече дека училиштата кои имаат пријавено оштетени учебници, МОН им ја доставува потребната количината од соодветниот учебник.